(Во живо) Ратификација во шпанскиот Сенат на Протоколот за НАТО


Сенатот на Шпанија денеска во 13 часот ќе одржи пленарна седница на која ќе го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Седницата ќе се одржи со видеолинк, а сенаторите ќе гласаат без физички да бидат присутни во Сенатот, поради состојбата со корона вирусот, со оглед на тоа што Шпанија е во категоријата на високоризични држави.

На седницата физички ќе присуствува претседателот на Сенатот Пилар Лоп и уште неколкумина, а сенаторите ќе гласаат преку видеолинк.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров и шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера денеска во Владата заеднички ќе го проследат гласањето. По ратификацијата следува прес-конференција на Димитров и Лоренце Сера.

Протоколот, на 27 февруари доби зелено светло од Долниот дом на шпанскиот Парламент. Шпанија е последната земја од членките на НАТО, која сè уште не го ратификувала Протоколот. Процесот таму се одолжи поради изборите и формирањето на Владата. Протоколот кај нас, пак, беше ратификуван со одложено дејство, заради распуштањето на Собранието и предвремените парламентарни избори.