(Видео) Протест во Скопје за поддршка на Украина

Претседателот на здружението на Украина, се заблагодари на македонските граѓани кои ги поддржаа на овие протести, против руската агресија


Фото: Б. Грданоски

Здружението на Украинците во земјава „Лесја Украинка“ денеска организира протестен марш против „војната и безграничната суровост од страната на Русија кон Украина“.

Здружението ги повика сите граѓани да се приклучат на протестот и да го изразат својот револт.

Маршот почна кај споменикот „Воинот на коњ“ на Плоштадот Македонија во 14 часот.

Фото: Б. Грданоски

Претседателот на здружението на Украина, се заблагодари на македонските граѓани кои ги поддржаа на овие протести, против руската агресија, кои уништуваат градови и животи на невини луѓе.

– Има закани за цела Европа од нуклеарен напад. Путин ќе оди по секоја цена за освојување на Украина. Тој е монструозен, за да влезе во историјата како голем освојувач – истакна претседателот на Здружението на Украинци во Северна Македонија, Александар Урбанович.

Тој нагласи дека на протестот е дојден за поддршка на Украина. Сакам, како што рече, земјата да се ослободи и да има мир.

Марјана Велковска од Здружението на Украинци во Македонија вели дека потребна е помош на сите граѓани кои се во Украина.

– Имам роднини таму, тие се подготвени да останат таму и да се борат за својата држава, изјави Велковска, додавајќи дека им е потребна помош.

Македонци кои го поддржаа протестот посочија дека војната мора да запре, а последиците од неа се чувствуваат секаде па и во земјава.

На плоштадот во Скопје, беа прикажани фотографии од состојбата во Украина, на кои се гледаат загинати лица, срушени згради, катастрофална состојба.

Урбановиќ потенцира дека уште од првиот ден на инвазијата од Русија една од целите била заземање на нуклеарни централи, а персоналот во нив бил заробен.

Побара од македонската држава да поддржи затворање на воздушниот простор над Украина.

Фото: Б. Грданоски

Го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека за лични амбиции сака да ја пороби и потчини Украина, а тоа со живот ќе го платат и Украинците и Русите. (Фото: Б. Грданоски)