(Во живо) Пресуда за „Тврдина“
Кривичниот суд денеска ја објавува пресудата за „Тврдина“, она што остана од големиот предмет на СЈО „Таргет-Тврдина“, откако и последниот обвинет ги даде завршните зборови на рочиштето по Нова година.
По застарување на гонењето за делот „Таргет“ за масовното прислушување, каде меѓу обвинетите беше и екс шефот на УБК, Сашо Мијалов, судењето продолжи за петмина обвинети меѓу кои и екс министерката за внатрешни, Гордана Јанкуловска.
Пресуда во отсуство ќе има и за Горан Грујевски и Никола Бошковкси, екс разузнавачи кои избегаа во Грција која не ги екстрадираше. Одговараат за злоупотреба на службената положба и фалсификување на исправа, поврзано со уништувањето на системите за следење на комуникацијата во УБК.
Но и на „Тврдина“ ѝ се ближи рокот за застарување за неколку месеци. Ако дотогаш не стане правосилна, пресудата ќе застари. Апелација еднаш веќе ја укина пресудата „Таргет-Тврдина“. Тогаш предметот стоеше во фиока дури девет месеци кај апелациониот судија Енвер Беџети, а Судскиот совет за тоа го казни само парично.