(Во живо) Пресуда за случајот „Рекет“ – Катица Јанева не е присутна


По шест месеци судење денеска Крвичниот суд Скопје ја објави пресудата за предметот „Рекет”, каде обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева.

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева не беше присутна во големата сала на Врховниот суд, каде ќе се прочита пресудата, поради здравствени и семејни причини. Нејзината адвокатка е присутна во судницата. Обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 е присутен, со задолжителна заштитна опрема и визир.

Судијката рече дека со голема тежина ја примила веста дека треба да води случај во кој треба да седи пред неа специјален јавен обвинител, кој беше симбол на надеж за враќање на правдата во земјата. Граѓаните имаат право да знаат кој им ја уништи вербата и надежта во судството, рече судијката.

Во тек на овој судски процес беа презенитрани низа материјални и вербални докази. Како сведоци за „Рекет“ во судот исказ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинари од телевизијата 1ТВ, обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми, Фатиме Фетаи од СЈО и други.

Обвинителството изнесе видео записи и фотографии обезбедени од ПИ мерки, како и фотографии и записиници од одземени предмети од домот и канцелариите на обвинетите, но и видеа направени од домот на сведокот-оштетен бизнисменот Јордан Камчев.

Текот на предметот предизвика голем интерес во јавноста, често изјавите на сведоците, обвинетите или обвинителството беа теми на денот. Во медиумите често беа пренесувани пикантерии за  приватниот живот на дел од обвинетите, но и лични коментари и изјави меѓу обвинителството и обвинетите од судницата. Поради големиот медиумски интерес Основниот кривичен суд одлучи пресудата да биде објавена во големата сала на Врховниот суд.

Судскиот предмет го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Во описот на обвинителниот акт покренат од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, се вели дека обвинетиот Бојан Јовановски, влијаел врз обвинетата Катица Јанева, за таа да донесе поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја”, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.

Јовановски и Јанева во своите завршни зборови пред судот негираа вина и рекоа дека не го сториле делото за кое се товарат. Обвинителството, според нив, не изнело докази за делото за кое ги товари и дека целото обвинение е врз основа на исказ на еден сведок – кој е оштетен во случајот. Целиот случај за Јовановски е политичка конструкција, додека за Јанева е клевета.

Бојан Јовановски – Боки 13, пред судот, рече „категорично тврдам дека ниту сум ја допрел торбата, ниту сум видел некакви парични средства“.

– Јас видов затворена торба што Зоран Милевски ја зема со леснотија. Ноторна лага е дека мене ми биле дадени 500 илјади евра за Јордан Камчев да излезе од притвор. Со Камчев не сум разговарал за никакво олеснување, туку сме разговарале само за бисниси. Сме оделе на вечери, сме збореле за се и сешто. Ме провоцирале и прашувале да зборам и да се правам паметен и да зборам и за СЈО. Ме снимале и спакувале, но кажувам тоа биле само мои лични мислења, изјави Јовановски.

Катица Јанева, пред судот, рече дека не е виновна, дека не земала пари и Камчев не бил привилегиран, а дека со Бојан Јовановски разговарале за модата и љубовта.

– Во работата како СЈО сум одлучувала исто како што сега одлучува Јавното обвинителство, а замислете држена сум девет месеци во притвор за давање мислење за промена на мерка притвор на Орце Камчев, изјави Јанева.

Јавната обвинителка Вилма Русковска, пак рече дека обвинението се темели на докази, и материјални и од сведочење на  поранешни колеги на Катица Јанева, така што апсолутно не е точно дека обвинението се темели само врз база на исказ на еден сведок.

Катица Јанева уште е во филмот на Чарлиевите Ангели, со овие зборови обвинителката Вилма Рускоска, ги почна завршните зборови за предметот „Рекет“. Според неа, Јанева со своите Чарлиеви Ангели, била подигната на пиедесталот, но таа на крај избрала да биде на страна на злото.

Судењето за предметот „Рекет” почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството. (Н.В.)

https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/3329047873850528/