(Видео) Попладне можна средба на СОНК со Владата, ако нема нова понуда – штрајкот продолжува


До овој момент нема взаемен договор со ресорните министри, за прекин на штрајкот на просветните работници и вработените во градинките, потврди претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на денешната прес-конференција. 

-Има сигнал дека попладне ќе се сретнеме во Владата. Нашето очекување е во интерес на учениците, во интерес на децата во детските градинки, во интерес на родителите, во интерес на колегите кои штрајкуваат, да постигнеме договор во однос на зголемување на платите согласно Законот за минимална плата – рече Неделков.

Тој очекува и да постигнате договор за динамика на пораст на платите во следните години. Претседателот на СОНК додаде дека тука не смее да се заборават ниту дејностите високо образование и наука, како и ученичките и студентските домови.

– Доколку немаме договор и продолжи членството да се изјасни по понудата на Владата што ќе ни ја даде, тоа значи дека и утрешниот ден ќе биде во знакот на штрајкот – додаде Неделков.

Поддршка на штрајкот на СОНК му даде и директорката на Европската конфедерација на Синдикатот за образование, Сузан Клокен, која на денешната прес-конференција рече дека СОНК е важен член меѓу нивните 127 организации.

Таа истакна дека го претставуваат гласот на околу 11 милиони наставници во Европа и дека е дојдена да ја искаже солидарноста за СОНК и неговите барања за повисок стандард и плати за наставниците, посочувајќи ја и улогата на наставниците во обезбедувањето пристап до образование во време на пандемија.

-Тие ја заслужуваат нашата почит, заслужуваат подобро отколку само зборови. Образованието е повеќе од само образование, тоа е подготовка на идните генерации и наставниците. Квалитетно образование е темел на целото општеството. Стоиме до колегите наставници тука во борбата за нивните права – рече Клокен, додавајќи дека ќе има средба и со министерот за образование Јетон Шаќири за јасно да ги поддржи барањата на СОНК.

Проследете ја прес-конференцијата на претседателот на СОНК, Јаким Неделков.