(ВИДЕО) Ќе има кризна состојба, нема да има полициски час


Претседателот Стево Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност, оцени дека состојбата со корона вирусот во земјата е сериозна, што ги тера да размислуваат и за нови мерки. Советот за безбедност затоа и предложи на Владата прогласување на 30 дневна кризна состојба на територијата на целата држава.

Според Пендаровски, во моментов имаме кризна состојба на два дела од границата заради мигрантската криза, каде што соработуваат полицијата и армијата. Со прогласувањето кризна состојба, рече Пендаровски, се отвораат нови можности за справување со корона кризата, како и тоа Владата да може да управува и да ги користи ресурсите на јавните претпријатија, општините, град Скопје, приватните фирми и на приватните болници, ако се оцени дека е неопходно,нагласувајќи го фактот дека овде не станува збор за некаква нивна национализација  бидејќи приватната сопственост е неприкосновена.

-Кризната состојба нема врска со полицискиот час и не предизвика рестрикции за движењето на граѓаните, рече Пендаровски.Според него, за разлика од кризната состојба во Дебар, каде што се контролираше влезот и излезот и беше потребно масовно ангажирање на полицијата и армијата, овојпат нема такви рестрикции на движењето  и затоа оваа мерка може да се спроведе на цела територија.

Околу дилемата дали треба да се донесе одлука  за полициски час како пролетта, Пендаровски рече дека во моментов во ниту една земја во Европа нема таква мерка , т.е. полициски час 24/7.

Најдоцна утре вечер ќе биде одржана седница и ќе се стави одлуката за кризна состојба на одлучување пред Владата, најави премиерот Зоран Заев. Тој рече дека не се исклучува можноста за полициски час или затворање, но во моментот за тоа не се размислува. Премиерот извести дека слободни капацитети за лекување во државата се уште има, иако ќе се прави реорганизавија на капацитетите.

„Не се исклучува можноста за полициски час. Во моментов не се разгледува, но тоа е работа на Комисијата за заразни болести, која има надлежност да побара. Останува препораката да не се движиме по 21 час, освен ако имаме неопходна потреба. Кога се прогласува кризната состојба има дебела причина зошто тоа се прави. Се ова е со цел да се има болнички капацитети”, посочи премиерот Заев.

Околу прашањето дали во приватните болници, кои сега ќе се вклучат во справување со кризата во режија на државата, трошоците ќе бидат како во јавното здравство, министерот за здравство Венко Филипче рече дека е можно да се дојде во ситуација да требаат дополнителни ресурси, што значи дека во јавните здравствени установи ќе мора да се прекинат други интервенции освен итните. Тоа може да значи дека може ќе се вклучат  и другите приватни ресурси, за што ќе им се компензираат трошоците до 30 проценти на приватните болници.

-Ќе направиме целокупен план што, ако треба, ќе ги вклучи сите ресурси, рече Филипче откако најави дека се зголемува бројот на кревети за ковид пациенти во болницата 8 Септември и во други клиники.Бидејќи првпат се случува ваква ситуација, Филипче најави дека денес а најдоцна утре ќе се знае како ќе се плаќа точно користењето на приватните ресурси врз основа на Законот за кризна состојба.

-Ова не е некаква национализација, ренационализација туку управување со приватните ресурси. Досега управувавме со јавните, сега и со приватните, дополни Заев.

Ова е прв пат во Македонија да биде прогласена кризна состојба на цела територија.

Запрашани за спорот со Бугарија и впечатокот дека власта ја заострува реториката кон Софија, премиерот Заев одговори дека тактиката кон оваа земја не се менува.

-Сите сме на исти став, продолжуваме со пријателски дијалог, рече Заев.

Тој апелираше да се воздржиме сите, колку и да го чувстуваме ова како неправда, бидејќи мора да најдеме за проблемот европско решение кое ќе не одржи како пријатели со соседите.

-Ако сакаме да се скараме со Бугарија, не ни треба Мицкоски, можеме тоа и сами, рече Заев додавајќи дека раководството на оваа партија не е од помош ако сакаме да ја постигнеме следната цел, а тоа е чекор во евроинтеграцијата на Македонија.

Пендаровски додаде дека не е момент да се прават ситни политички поени околу спорот со Бугарија бидејќи тие се избрани од граѓаните да водат и да ги решаваат проблемите.

-Не чувствувам одговорност за ветото од Бугарија бидејќи не сме потпишале или договориле нешто надвор од Договорот за добрососедство и пријателство. Договорот не дава правна основа за блокадата и тие барања со кои сме блокирани не се содржани во него. Како таков, споменувам, Договорот беше гласан и од опозицијата во Собранието, рече Пендаровски.

На прашањето дали со прифаќањето на терминот заедничка историја правктичлно Владата прифаќа да приговара за спорните прашања, Заев одговори:

-Заедничка историја има цел свет, заедничка историја има Европа, заедничка историја имаме и ние и Бугарија. За Европа таа е мост за соработка, рече Заев. Пендаровски додаде дека заедничка историја имаме со сите бивши југословенски републики исто така и „заедничка“ со Бугарија не значи – бугарска.