(Видео) Заев: Лесно им е да се прават фраери без одговорност


 

Лидерот на СДСМ Зоран Заев потврди денес на прес конференција дека добил многу честитки, но не и од главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ која го заборави тоа, но не заборави да си препише заслуги.

-Ова е успех на нашиот народ, на многу генерации, од независноста досега. Верувам дека сите сме радосни за овој голем успех. Честитки стигнаа од сите амбасадори, од многу лидери на ЕУ, од еврокомесарот Јоханес Хан, од политички партии и  коалиционите партнери, но не стигнаа од опозицијата.Би било добро и тие да го охрабрат нашиот народ, бидејќи терен за борба и натаму ќе има. Ова се должни да го поздрават и да го повикаат народот да се израдува, одговори Заев на прес конференцијата утрово.

За економските мерки што ги предложи и кои наидоа на големи реакции во јавноста, Заев нагласи дека  политичарите имаат одговорност да соопштуваат и лоши вести за да граѓаните ги дочекаат „на нозе“.

-Мораме да ги поддржиме работниците, економијата и фирмите зошто доминантно тие го полнат буџетот.Во такви околности мора да имаме рамномерна распределба на товарот, но Владата е таа која ќе одлучи за мерките. Сепак, очекувањата од наплатата на приходите се меѓу 30 и 40 проценти, така што ќе ни фалат 60 проценти. Мора да кратиме, да штедиме се што не навлегува во приватната потрошувачка. Околу 30 отсто од  буџетот е милијарда и 300 милиони евра. Буџетот е лист хартија, а реалните пари ги нема во него. Предложените мерки не се благопријатни за сите, но се благопријатни за стопанството. Заедничкото солидарно пребродување на трошоците мора да го направиме. Еден дел треба сите да понесеме на плеќи. Затоа, политичарите мора да бидат подготвени и да соопштуваат непријатни вести. Лесно им е на тие од другата страна да се прават фраери, да излегуваат со популистички изјави, порача Заев.

На прашањето дали СДСМ ќе ги повика ДУИ да го поддршжат предлогот на министерката Рената Дескоска да не се исплатат парите од Буџетот во политичките партии, Заев изјави дека се надева дека другите партии ќе го следат примерот на СДСМ.

-Парите не треба да доаѓаат во политичките партии, туку кај граѓаните. Да ја зголемиме приватната и јавната потрошувачка. Драго ми е што СДСМ се откажа од своите пари. За другите партии треба сами да кажат. Верувам дека и другите ќе бидат солидарни, рече Заев.

https://www.facebook.com/zaevzoran/videos/612856509445093/?t=3101