(Видео) Дурмиши: Се намалува маржата за 73 основни производи – поевтинува лебот, млекото, маслото, месото…


Фото: Б. Грданоски

Владата донесе одлука за ограничување на маржите за 73 производи. Во листата на производи спаѓаат: брашно, леб и пекарски производи, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, тестетнини, масло за јадење и дел од конзервираните производи…

На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за ограничување на бруто-производна маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 отсто и во трговијата на големо и во трговијата на мало.

– На листата на основни прехранбени производи во ткн. есенска кошница се вклучени 73 производи кои се најзастапени во потрошувачката кошница на граѓаните. Ваквата одлука ја донесовме врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за индекс на трошоците за живот, кои покажуваат дека во споредба август 2024 година со декември 2023 година евидентирано е зголемување на трошоците за храна за 4 отсто, од кои наголемо зголемување има кај овошјето од 10,9 проценти, кај млекото, сирењето и јајцата 6,6 пртоценти, кај зеленчукот 3,9 проценти, кај месото 3, 6 проценти и кај лебот и житото 2 проценти. За истиот период цените за безалкохолни пијалоци се зголемени за 9,4 проценти… – рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Оваа одлука влегува на сила од денот на објавување во Службен весник, а ќе трае до 31 октомври 2024 година. Дурмиши потсети дека вакви мерки ќе бидат носени пред секој празник како божиќна, рамазанска, велигденска мерка.

Во одговор на прашање, што по завршување на овој период, по загриженоста на економистите дека цените нагло може да скокна, Дурмиши рече дека до крајот на октомври ќе биде донесен Законот за забрана на нефер трговски практики, со кој за 2.548 прозводи ќе се ограничи маржата и арабатот, со цел да се држат цените пристапни за крајните потрошувачи.

Проследете ја прес-конференцијата на министерот за економија и труд Дурмиши:

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски најави континиурано носење вакви мерки.

„Во тек е онлајн вонредна седница на Владата и оваа одлука на Министерството за економија и труд е веќе помината на владина седница, министерот ќе има и прес-конференција. Ќе имаме вакви акции кои ќе траат по месец, месец и половина, два месеца во која што бруто-профитот ќе биде ограничен, односно до ниво до 10 проценти за да не ни се случуваат удари по стандардот на граѓаните“, вели  Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање.

Претседателот Мицкоски посочи дека со оваа мерка се опфатени 100-тина продукти се со цел да се подобри стандардот и да се олесни живејачката на граѓаните.

„Има таму 100-тина продукти кои ќе бидат опфатени и така континуирано ќе носиме мерки со кои што ќе се обидеме стандардот на граѓаните го подобриме и да ја олесниме живејачката која што е така е тешка“, рече тој.