(Видео) Владата обезбедила 25 респиратори, нарачала уште 30


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот Бујар Османи извести денес дека се обезбедени 25 респиратори  со пари донирани од норвешката амбасада, кои сега се во депо во Турција и се бара начин како да се донесат во Македонија. Според Османи исто така се нарачани 30  респиратори од Кина , на што е одговорено позитивно, но мора да се чека тие да бидат произведени бидејќи побарувачката е голема и нема резерви. Според Османи 100 земји во моментов нарачале респиратори од Кина.  Парите за респираторите се обезбедени од 4-те милиони евра помош што ЕУ и ги додели на Македонија деновиве.

Тој исто така извести дека ЕУ ќе пренамени 50 милиони евра за Македонија со цел со нив да се справи со социо-економските штети од епидемијата, како и 9 милиони евра за помош на малите и средни претпријатија и уште 3 милиони евра за поддршка на буџетот.Наедно, во ЕУ се разгледува можноста за вклучување на земјата во поширокиот механизам за справување со корона вирусот  преку Европскиот  солидарен фонд. Според Османи, среѓна околност е што  добивме одлука за преговори со ЕУ и со неа  добивме право на пристап до овој фонд, бидејќи го немавме досега.

-По првичниот шок, ЕУ почна да ги активира механизмите за помош. Можеби некому му делува бавно, но реакцијата на ЕУ е навремена. Овие активности ќе се зголемуваат натаму, порача вицепремиерот. Тој најави исто така дека во утрешниот ден ќе се вратат наши граѓани со чартер летови од Малта и Загреб, посочувајќи на МНР како најодговорна институција на оваа тема.