(Видео) Отворен стационарот „Лајка“ – во Скопје има 1.970 кучиња
Денеска во употреба се пушти Јавното претпријатие за грижа за заштита на бездомните животни – Лајка.
Лајка е комплетно нов стационар, уреден и опремен по сите светски стандарди, кој располага со 200 засебни апартмани обезбедени со подно греење.
Во рамките на Лајка се спроведува тестирање, вакцинирање, стерилизирање/кастрирање и чипирање на секое од кучињата.
Лајка располага со две операциони сали, оддел за интензивна нега, тријажен дел и постоперативен простор со 20 легла, салон за нега на кучињата, СОС линија, како и специјално изградениот Парк за интеракција, преку кој кучињата кои биле жртви на траума низ игра и забава добиваат прилика да стекнат навики за ресоцијализација.
„Дополнително, во рамки на стационарот овозможивме и едукативен центар во кој најмладите ќе можат да добијат едукација, како и прилика за вдомување на некое од кучињата во Лајка. Со овој проект, наша цел е Лајка да прерасне во првото место на кое ќе помислат граѓаните кои сакаат да вдомат куче, и истовремено да се потрудиме сите здрави и способни кучиња да најдат дом кој го посакуваат, затоа што секое куче заслужува втора шанса“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
https://www.facebook.com/CityofSkopje/posts/3544361958943324
Градоначалникот Шилегов рече дека проблемот со бездомните кучиња системски ќе го решаваат, со што ќе се намали бројот на бездомни кучиња на улиците, а и бројот на граѓани каснати од кучиња.
„Ова не е и не може да биде работа само на Градот, затоа во изминатиот период работевме интензивно во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство. Ги чипиравме домашните миленици, ќе влеземе во процес на чипирање на животните скитници со цел да биде тој третман да биде што е можно подобар“, додаде Шилегов.
Овој концепт е добар за да се почне со широка акција на вдомување на кучињата.
Директорката на Лајка, Тина Петрушевска, рече дека стационарот почнал да се реконструира на 19 јули лани, и дета тоа бил долг процес, но работата е квалитетно завршена. Иако, периодов не работеле, дневно добивале по 30 повици од граѓани за дислоцирање кучиња.
„Сепак, треба да се знае дека стационарот е транзит зона. Тука се носат заловените кучиња, им се прават крвни анализи, кастрација и стерилизација, се микрочипираат со кој кој содржи податок за општина од каде се заловени и се враќаат во истата општина“, вели Петрушевска.
Таа појасни дека мапирани се сите кучиња на територија на Град Скопје и има 1.970 кучиња. Можеби изгледа дека има повеќе, но тоа е така, затоа што се собираат во чопори, а нивна задача е да се разбијат чопорите, за граѓаните да се чувствуваат безбедно.(Б.Б.)