Пендаровски од Пелинце: Само со почитување на правото ќе обезбедиме праведно општество
Претседателот Стево Пендаровски се обрати од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце по повод Денот на Републиката 2 Август – Илинден.
„Денес, кога одбележуваме 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, се сеќаваме на сите знајни и незнајни херои, комити и партизани кои ги дадоа своите животи во борбата за слобода и независна држава. Благодарение на нив, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава. Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно. Мораме да бидеме доблесни и да ја признаеме нивната жртва, свесни дека ништо ниту почнува, ниту завршува со нас.
Нашата битка денеска е да обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани во нашата земја, а не надвор од неа. А за тоа мора да има правда и слобода.
И покрај пандемијата, нашата држава реализираше членство во НАТО после долги години блокади. Овој процес претставува зацврстување на нашата државност, на нашата позиција во меѓународните институции.
Нашите граѓани со право се разочарани, кога гледајќи обвинителство кое беше надеж за расчистување на криминалот се распадна, со тоа што и самото стана дел од организраниот криминал. Секој злоупотребен денар, секој наместен тендер, е причина повеќе за одлуката на заминување на многу млади и на зголемување на фрустрациите од нашите луѓе во нашата земја. Единствениот начин да изградиме праведно општество е да го почитуваме правото.
Веднаш по изборот на претседател на државата, реков дека ќе биде да работам на граѓанското помирување, кое ни е потребно од било кога. Се надевам и очекувам таа заложба да биде поддржан од Владата и од опозицијата“, рече Пендаровски.
Осврнувајќи се на завршените избори, Пендаровски очекува побрзо конституирање на новото Собрание и влада, за која рече дека ќе ја нема комоцијата да не ѝ бидат поставувани тешки прашања во првите 100 дена. Актуелните трендови со вирусот, нагласи нема да дозоволат целосно враќање на економијата во погон, а економските проблеми додаде секогаш носат нестабилност и граѓанско незадовлство. Многу порано пред да ги започнеме преговорите со ЕУ, додаде ќе мора да поченеме со практична имплементација на идните правни реформи и да ја интензивираме борбата против организираниот криинал и високата корупција.
„Новата влада ќе има една друга комплексна задача, особено после ваква изборна кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации кои дополнително ги продлабочија поделбите меѓу граѓаните“, истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека веднаш по неговиот избор кажал дека една од неговите главни определби е помирувањето, за кое денес рече убеден е дека ни е потребно повеќе од кога било во историјата, како независна држава.
„Се надевам и очекувам таа моја заложба да биде поддржана и од новата Влада и од опозицијата и дека заедно со сите граѓани независно од нивното етничко потекло и партиско убедување ќе работиме за остварување за оваа цел. Да нема никој дилема во нашата земја сечија етничка и партиска припанодт мора да се почитува без исклучок, меѓутоа партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и легитимитет и на краток и на долг рок. Граѓанското помирување е основен услов за функционирање на едно демократско плурално општество, а демократијата е претпоставка за економски развој. Тогаш кога ќе научиме дека политиката е битка на идеи, а не борба на живот и смрт и дека од промената на власта не смее да зависи оставрувањето на правата и слободите на секој граѓанин дури, тогаш ќе имаме вистински демократска држава“, посочи претседателот Пендаровски.