(Видео) Министерот за образование Шаќири во основно училиште во Чаир – се почитуваат протоколите


По повод почетокот на второто полугодие од учебната 2021-2022 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири го посети основното училиште „Битолски конгрес“ во општина Чаир.

Директорите на сите основни и средни училишта уверија дека се подготвени за почеток на второто полугодие со физичко присуство.

– Од денеска, од професорите, кои се најмногу во контакт со учениците, ќе ги имаме сите податоци за тоа колку деца се заболени и дали учебната година може да продолжи со физичко присуство. информациите ќе ги собираме секојдневно – рече министерот за образование Јетон Шаќири при посетата на основното училиште „Битолски конгес“ во Чаир.

Тој уште еднаш повтори дека Комисијата за заразни болести ги носи мерките и протоколите кои треба да се почитуваат за да се заштитат учениците и училипниот персонал од зараза со Ковид-19.

Според него, во училницата во која влегол протоколите се почитувале, а така треба и да продолжи за да може учениците да продолжат да одат во училиште и да ја завршат безбедно учебната година.

Од состанокот на Комисијата денеска се очекуваат и насоки како ќе се реализира најавениот скрининг во училиштата по случаен избор на учениците.

Во врска со барањата учениците да следат настава без заштитни маски, Шаќири одговори дека „ќе има средба со сите што мислат различно“, но дека сите протоколи, вклучително и носењето маски, се препораки од Комисијата и тие треба да се почитуваат.

Додаде дека Комисијата за заразни болести е известена за тие барања и дека денеска или на нареден состанок ќе одлучува за тоа, а МОН ќе го почитува нејзиното мислење.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, соопшти дека наставата од второто полугодие на учебната 2021/2022 денеска почнала со физичко присуство за над 8300 ученици во деветте училишта на територијата на општината.

-Бев информиран од директорите на сите училишта за подготовките за почеток на второто полугодие. Сите мерки и протоколи се испочитувани и исполнети, рече градоначалникот Ганиу во ОУ „Битолски конгрес“.