(Во живо) Мицкоски: Вечерва не славиме против никого, славиме за Македонија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на прес-конференција по повод вториот круг од локалните избори 2025 година истакна дека резултатите ја покажуваат силната волја на граѓаните за промени и обединување, а како посебно значајна ја издвои победата во Кичево.
„Морам да признам една посебно силна порака која доаѓа оваа вечер, а таа е од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против недомаќинското работење. Покажавме што можеме кога сме обединети,“ рече Мицкоски.
Тој нагласи дека токму оваа победа е доказ дека обединувањето околу вредностите и заедничките цели е можно, без разлика на политичката или верската припадност.
„Во Кичево соработувавме луѓе од различни вери и припадности против оние кои го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите – околу политиките што им се потребни на граѓаните. Победи идејата дека Македонија е дом за сите,“ изјави Мицкоски.
Тој додаде дека победата во Кичево е симболична и испраќа порака за една пообединета и посилна Македонија.
„Падна митот дека Кичево е нечие. Победија Кичевчани. Таа победа зборува за Македонија што созрева, за народ кој не се плаши да се обедини. Кичево мора да биде и ќе биде во фокусот на владата,“ порача Мицкоски.
На новинарско прашање тој сепак потврди дека гласачите на ВЛЕН не излегле во Скопје да му дадат поддршка на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник во Скопје.
„Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту може да ги испорача од џеб. Видовме една чесна заложба за Орце Ѓорѓиевски. Факт е дека гласачите кои гласаа за ВЛЕН не излегоа и не го поддржаа за Орце Ѓорѓиевски. Претпоставувам дека таква била одлуката на гласачите“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека, и покрај тоа, победата на ВМРО-ДПМНЕ е убедлива и покажува дека „граѓаните ја препознале енергијата и промената што ја нуди новото политичко време“.
Зборувајќи за евентуални политички промени тој рече дека се надева дека дел од силите самите ќе се прегрупираат по изборите.
На почетокот на прес конференцијата Мицкоски прогласи голема победа.
„Голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ! Ако некој се сомневаше, народот покажа дека Македонија е повторно твоја. Ова е заедничка победа – победа на вербата, надежта, копнежот за иднина. Ова е победа на напатениот народ и неговите соништа. Вечерва Македонија покажа зрелост. Убедлива победа на Орце во Скопје!“, изјави Мицкоски, додека присутните извикуваа: „Цело Скопје ВМРОвски град!“.
Тој со особено задоволство му упати порака и на Хаќим Рамадани од ВЛЕН кој не успеја да победи во Брвеница, иако организираше десетина чартери со иселеници, за што Мицкоски неодамна му порача дека и ќе изгуби и ќе биде сменет од досегашната функција по изборите. Притоа најави деја вечерва ќе ја слави победата заедно со граѓаните во Брвеница и во Кичево, а рано утре ќе отпатува за Брисел.
„Противкандидатот кој не заслужува да му се спомене името – Брвеница има градоначалник! Победа имаме и во Дојран, Крушево и Кочани – нашето Кочани, кое мора да го издигнеме и поткрепиме. Победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Ранковце, Неготино, Росоман, Чешиново-Облешево, Виница, Конче и Дебрца“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.