(Во живо) Ќе доделат ли градските советници пари на ЈСП – се чека Арсовска која најавила присуство


Од ланскиот протест на ЈСП пред Владата (Фото: Б. Грданоски)

ЈСП СКопје неколкупати до сега бараше дополнителни субвенции од Градот, но градските советници не дозволуваа дополнителни 100 милиони денари за неппречено функционирање на јавното сообраќајно претпријатие.

Дали тоа ќе го направат денеска, за да не се доведеме до ситуација како лани, да нема превоз, да се штрајкува, а пари да се доделат два дена пред Нова година, погледнете на седницата во живо: 

ЈСП Скопје очигледно е во проблеми, затоа што трипати овој проблем се става пред советниците.

На претходната седница,  директорот Крсте Петревски, појасни дека трошоците на претпријатието се огромни, дека за плати на годишно ниво се издвојуваат 812 милиони денари, додека расходите на претпријатието се проектирани на 2 милијарди денари годишно.

Според Петревски, еден од најголемите трошоци е нафтата, како основно средство за функционирање на јавното претпријатие и за неа годинава ќе се потрошат околу 480 милиони денари, но и 16 милиони за други горива, 28 милиони за резервни делови, околу 22 милиони денари за струја, за гуми 10 милиони, додека за приватните превозници годишниот трошок е 340 милиони денари. Дополнително, претпријатието е оптоварено со  долгови, а бесплатниот превоз на студентите и средношколците, сервисирањето, одржувањето и уште многу други трошоци ја прават ситуацијата уште потешка.

Петревски на последната седница истакна дека доколку ЈСП не ги добие субвенциите, можен е застој во нормалното функционирање на јавниот градски превоз, но дека во прашање се доведува и редовната исплата на платите.

Сопствените приходи на претпријатието се околу 930 милиони денари, а уште ги нема добиено 360 милиони денари од Владата, кои се предвидени во ребалансот, но уште нема одлука за исплата на средствата.

Во медиумите се појави информацијата дека ЈСП повторно не ги подмирува обврските на приватните превозници и дека тие четири месеци не добиле пари за услугата што ја вршат кон граѓаните, но од ЈСП негираа. Уверуваа дека јавниот градски сообраќај функционира непречено, редовно и без застој, дека нема најави за штрајк, ниту пак недостиг на гориво.    

Од ланскиот протест на приватните превозници (Фото: Б. Грданоски)

– Обврските кон приватните превозници се сервисираат тековно и без застој – информираа од јавното сообраќајно претпријатие.

На вонредната седница денеска е Одлуката за измена на одлуката за давање субвенции на ЈСП за 2023 година, со која износот од 440 милиони денари се зголемува на 550 милиони, што е единствена точка на дневен ред. 

Седницата која требаше да почне во 11 часот е одложена до 12 часот, затоа што се чека да пристигне и градоначалничката Данела Арсовска.