(Видео) Виктор Димовски го најде виновникот за случајот „Онишченко“


 

Интерната истрага  за случајот „Онишченко“ констатирала дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење за македонскиот пасош на украинскиот олигарх, Олександр Онишченко. Лоциран е „прстенот“ и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорност, информира денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.

Димовски, посочи дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи – ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност. Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице, според објаснувањето на  Димовски, се прави на неколку нивоа и потребни се потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност.

„Констатиравме дека последното ниво, кое требало да направи консултација со НАТО партнерите, дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста“, изјави Димовски.

Тој нагласи дека истрагата ќе продолжи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или не, за пропуст или за намера.

„Испитуваме дали станува збор за изолиран случај или не. Дали се работи за пропуст или некој намерен или лукративен интерес. Не сакаме, заради ваков случај, она што е сторено со макотрпна работа во изминатиот период да пропадне. Во зависност од тоа ќе се утврди дали счучајот ќе заврши со дисциплинска или кривична одговорност“, изјави Димовски.

Димовски не го откри името на лицето, но посочи дека во сите четири сектори работат лица со безбедносни сертификати. Прашан дали чувствува лична одговорност како директор на АНБ, Димовски рече тој не оди никаде и останува тука.

„Ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас кажав нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам место на живеење. Јас ќе бидам тука“, изјави Димовски.

Прашан дали за случајот Онишченко треба да се бара одговорност само кај едно лице или треба да постои поголема одговорност, Димовски нагласи дека сите останати вклучени во овој процес го направиле тоа што е пропишано согласно процедурите. Прашан дали тој го имал крајниот збор во однос на одлуката на Агенцијата, Димовски одговори потврдно.

„Да, дефитивно крајниот збор го има директорот или неговиот заменик“, рече Димовски. Тој  не смета дека има лична одговорност за случајот, но ако се утврди дека има пропуст и негова директна одговорност, тогаш тој ќе биде спремен да се соочи со неа.

Димовски ќе инсистира на собраниската Комисија да се разговара и за тоа дека случајот Онишенко се појави во исто време  со обвинувањата дека Агенцијата ги користи средствата за следење на политичката опозиција.

„Се сакаше да се покаже дека Агенцијата влегла во чевлите на поранешниот субјект УБК и дека го прави истото, кога за жал, прислушуваа во подолг временски период повеќе од 20 илјади граѓани на нашата земја“, изјави Димовски. Според него,  АНБ не следела лица од опозицијата, но  него го обвинуваат токму лица од опозицијата за кои има истраги за измама и злоупотреба на службена положба.

Околу преносот на затворенацата седница во живо на Јутјуб Димовски рече дека тоа не е во негова надлежност, бидејќи тој е само гостин во Собранието и организацијата е во надлежност на самите собраниски служби.

„Јас сум овде гостин. Ми беше речено да се прекине седницата и јас се согласив. Ја почитувам независноста на парламентарниот дом, а одговорноста ја носат раководителите на овој дом.. Уверен сум дека се преземени мерки и дека случајот ќе се расчисти. Ќе оставиме Собранието да си ја заврши работата и да се направат проверки“, изјави Димовски по прекинот на седницата.(С.Ј.)