Александар Димитриевиќ е нов генерален секретар на СДСМ (Видео)
Централниот одбор на СДСМ вечерва го избра новото раководство на партијата.
За генерален секретар на партијата е избран Александар Димитријевиќ кој доаѓа од Општинската организација на СДСМ од Гази Баба.
За потпретседатели на партијата Централниот одбор ги избра поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, Менде Илиевски – член на Советот на општина Битола, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска и Кристина Костова – член на ЦО на СДСМ.
Избрани се и двајца организациски секретари – поранешниот пратеник од Куманово Мартин Костовски и Љупчо Пармаковски од општинската организација во Центар.
„Состанокот помина во одлична атмосфера со многу енергија и ентузијазам кај новите членови на Централниот одбор. Се избра новото партиско раководство, членовите на Извршниот одбор. Во партијата вечерва избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење, искуство во своите области на делување коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи“, рече Филипче на прес-конференција.
Нагласи дека веќе имаат план за работа кој со многу силна енергија ќе почне уште од утре.
„Направен е план за посета сите општински организации и за комуникацијата со луѓето и начинот на којшто ќе допреме до членовите, симпатизерите, до оние коишто од некакви причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект. Подготвени сме да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови, симпатизери во процесот на креирање на политики“, порача Филипче.
Во новиот Извршен одбор на партијата, како што посочи, има претставници на повеќе општински организции.
„Водевме сметка да има добра регионална застапеност за да имаме информации од сите или повеќето општини ширум државата“, истакна Филипче.
Во неделата СДСМ го одржа 30. Конгрес на кој Фани Каранфилова-Пановска беше избрана за заменик-претседателка на партијата.
„Со голема радост ја примивме веста дека нашиот другар од ОО СДСМ Гази Баба Александар Саша Димитриевиќ е избран за нов генерален секретар на СДСМ. Ова претставува огромна чест кон Општинската организација Гази Баба, но истовремено и обврска како матична општинска да му бидеме ветар во грб за сите процеси кои следат во иднина и заедно да ја вратиме партијата на победничките патеки“, напишаа на Фејсбук од ОО СДСМ Гази Баба.
На Конгресот беа избрани и нови членови на Централниот и Надзорниот одбор, а нивната селекција, како што истакна лидерот на СДСМ Венко Филипче, се одвивала во изминатите пет месеци.