Во жештината на кампањата: како еден килограм кокаин стана 1,3 тони


Меѓународната акција за заплена на дрога во скопското село Крушопек е еден од главните показатели каква веројатно ќе биде кампањата за изборите на 12 април. Некои полициски извори, намерно или не, погрешно ги брифираат новинарите околу количеството на кокаинот што се барал во Крушопек, па одеднаш Македонија станува земја како да е во карипскиот басен каде се шверцува дрога од Колумбија за да се префрли во САД. Количеството на кокаинот што се барал е толку фантастично што речиси е невозможно да се поверува во таквите податоци.

Па, сепак… „високите полициски извори“ за повеќе медиуми брифираат дека 1,3-те тони требало да завршат во Македонија, според договорот со италијанската полиција и обвинителите. Па, сепак… „станува збор за контролирана пратка од 1,3 тони. Во договор на двете служби беше одлучено најголем дел од пратката да заврши во Италија, а во нашата држава да биде најден само еден килограм“, пак брифираат полициски извори.

Јасно е дека влоговите се кренати на многу висока летвичка и тогаш не се знае што зборуваат актерите во кампањата. Прво, според договорот, 1,3-те тони требало да завршат во Македонија, а потоа, пак според истиот договор, кокаинот требало да остане во Италија, затоа што бил контролиран од полицијата. Како таа да го развезувала низ Балканот.

Но влогот е голем, па политичарите веднаш почнаа со глорификација. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на Твитер егзалтирано објави: „Во три години власт на СДСМ не слушнавме дека е запленет ниту еден килограм кокаин… Денес МВР заплени 1,3 тони…Најголема количина било кога запленета во РМ…Слепи ли биле? Или…?“ А потоа цинично ќе прокоментира дека „Владата на итна седница ќе ја поништи акцијата на МВР“.

Политичарите имаат право да се втурнат со сета сила во една изборна кампања, но ако тие или „високи полициски извори“ се врутоците на лажните вести тогаш наредниве два месеци ќе бидат во најмала рака ужасни. (Н.В.)