Во згрижувачки семејства сместени се 608 деца, државата бара уште


Тренчевска со Ди Џовани (Фото: Б. Богдановска)

Во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „11 Октомври“, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Диџовани ја претставија кампањата за згрижувачки семејства „На секое дете му треба семејство“.

– Во моментот на територија на нашата држава има вкупно 360 згрижувачки семејства, во коишто се згрижени 608 деца. Знам дека можеме уште повеќе и знам дека  преку оваа кампања, ќе го зголемиме бројот на згрижувачки семејства, ќе го зголемиме бројот на  семејства коишто во својот дом ќе нудат љубов  и  ќе понудат топол дом за децата без родителска грижа. 

Оваа кампања, за разлика од првата е со фокус на итни и специјализирани згрижувачки семејства, коишто можат да обезбедат специјализирана грижа за деца под специфичен ризик.

Се надеваат  оваа кампања да има поголем успех од претходната, за да допре до што поголем број граѓани, кои ќе се одлучат да ги отворат вратите на својот дом и на своите срца за децата кои по некој основ се одземаат од родителите и на кои им треба здрава семејна околина. 

– Сите истражувања покажуваат дека за непречен раст и развој, особено како деца, е да имаме здрава и безбедна средина за растење. Најдоброто место да се оствари таквиот развој е во семејно окружување. Не сите ние успеваме да се најдеме во таква средина, па најдобро решение за таквите ситуации е згрижувањето – рече Патриција Ди Џовани од УНИЦЕФ. 

Во однос на тоа, дали згрижувачите навистина пружаат безбедна средина, или пак може да дојде до ситуација кога згрижените деца се злоупотребени, министерката Тренчевска рече дека социјалните служби и социјалната инспекција редовно прават ненајавени контроли во семејствата кои згрижиле дете.  

– Досега немаме пријавено во последните години, случај на малтретирање на дете во згрижувачко семејство – потенцира Тренчевска, која додаде дека во трите центри за згрижувачки семејства се даваат поддршка и стручен совет на семејствата, при предизвици со кои не можат сами да се справат.