Во земјава минатата година се доселиле вкупно 3.176, а се отселиле 2.377 лица
Во земјава минатата година се доселиле вкупно 3 176, од кои 2 654 странци, а се отселиле 2 377 лица, од кои 2 034 македонски граѓани, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2024 на Државниот завод за статистика.
Најмногу од доселените странци се од Европа – 2 527, од кои 2 049 од Турција.
Со Европа имаме позитивно миграциско салдо во 2023 година. Од европските држави во земјава се доселиле вкупно 2 953 лица, додека се иселиле 2 127 граѓани. Најмногу доселени имаме од Турција – 2 083, потоа следи Косово – 177, Србија – 121 и Германија – 99 лица.
Од земјава најмногу во Европа лани заминале во Германија – 749, Турција – 284, Швајцарија – 237, Италија – 136 и Словенија -124 граѓани.
Со Америка имаме негативно миграциско салдо, од каде вкупно се доселиле 96, се иселиле 135 лица. Најголем дел од доселените лица се од САД – 61, од кои 22 странци, 10 од Бразил, 21 од Канада, тројца од Венецуела и еден од Чиле. Најголем дел од отселените се во САД – 112 и Канада – 22 лица.
Миграциското салдо со Азија ни е позитивно, се доселиле вкупно 72, а се отселиле 29 лица. Најмногу доселени странци има од Индија – 9, Јордан – 7 и Пакистан – 5. Најмногу иселени има во Сириска Арапска Република – 4 и Пакистан – 3.
Од Африка се доселиле вкупно 22 лица, од кои најмногу од Египет – 6, Тунис и Нигерија – по три. Истовремено, од земјава во африканските држави се отселиле лани десет лица, најголем дел во Гамбија – 3.
Во Океанија се иселиле 77, а од таму во земјава се доселиле 32 лица, сите од Австралија. Најголем дел се отселиле во Австралија – 72, а петмина во Нов Зеланд.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека најголем дел од податоците во Годишникот се добиени од редовните статистички истражувања, анкетите и пописите што ги спроведува Државниот завод за статистика (МАКСТАТ), а вклучени се и податоци што ги подготвуваат другите органи и институции кои учествуваат во статистичкиот систем на Република Северна Македонија.