Во завршна фаза се уште четири странски инвестиции

„Во завршна фаза сме со уште четири други инвестиции и се надевам дека нивната конечна одлука ќе биде што е можно поскоро“, изјави денес на прес конференција вицепремиерот Фатмир Битиќи, по потпишување на договорот со германската компанија „Вик“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали има најава за нови странски инвестиции во земјава, по денешната со „Вик“ и неодамна најавената со германската компанија „Киел“, Битиќи рече дека не е битно дали договорите ќе се потпишат во првиот, вториот или некој друг месец од формирањето на владата туку е важно „да покажеме дека сме овде во поддршка и сервис на оние на кои им е потребно“.

По формирањето на Владата првата објавена инвестиција беше на „Киел“ која најави вложување на 3,5 милиони евра и 350 нови работни места, а денешната со „Вик“ е договор за државна помош, со кој се предвидува нова, втора инвестиција на оваа компанија од 2,5 милиони евра и вработување на дополнителни 100 лица.

„Тоа што се случува првиот месец е продолжување на она што сме го правеле во претходниот период од три години и е доказ за нас и во најтешките моменти да сме тука како сервис за оние на кои им е најпотребна нашата услуга“, рече Битиќи.

Тој ѝ се заблагодари на министерката Зорица Апостолска која беше задолжена за странски инвестиции во претходниот владин состав, за целата работа која што ја направила околу соработката со компанијата „Вик“ и за договорот кој беше потпишан денес.

„Ние само продолживме и покажевме дека нема да има никаква пречка, без разлика што владата е сменета. И ова е начинот на кој треба да се бориме и да покажеме  дека било кој што е заинтересиран за подобрување на условите за живот и инвестирање во нашата земја ќе најде партнер во нас и не утре туку денес ќе ги решаваме проблемите со кои можат да се соочат“, рече Битиќи.

Меѓу трите најголеми земји кои традиционално инвестираат во Македонија се Германија, Велика Британија и Грција.

„Од големите инвестиции нема ниту една откажано. Може да се некаде по институциите и мојата улога како заменик претседател со сите нови министри е да ги најдеме и да ги решиме евентуалните проблеми со кои се соочуваат“, нагласи Битиќи објаснувајќи дека некогаш се тоа проблеми околу издавање градежни дозволи,, урбанистички планови и слично, но тоа се теми кои се решаваат во тек.

Запрашан зошто договорот со компанијата „Вик“ го потпишува тој како вицепремиер, со оглед што во Законот за ТИРЗ, во членот 4-а, е предвидено договорот за државна помош да го потпишува во име на Владата, Агенцијата за странски инвестици и промоција на извозот, Дирекцијата за ТИРЗ, или некој од министрите за привлекување странски инвестиции во зависност од тоа кој го воспоставил контактот со инвеститорот, Битиќи рече дека тоа било решено на влада.

„Со одлука на седница на Влада целото портфолио на министрите без ресор за привлекување странски инвестиции го презема Кабинетот на заменик претседателот задолжен за економски прашања и инвестиции и затоа го потпишувам, а така ќе биде и натамошната практика“, одговори Битиќи. (М.Ј.)