Во Заводот за ревизија недостигаат педесетина ревизори


Околу 90 вработени во Државниот завод за ревизија вчера со нетрпение чекаа абер од Собранието за да дознаат дали добија нов шеф, кој ќе ги реализира спроведените планови, ќе ги предводи следните акции, но и ќе им ја потпише платата за септември и за октомври. Ревизорите кубурат за кадри, а од почетокот на октомври се обезглавени, бидејќи на вд-директорот му измина мандатот, а без главен ревизор сѐ уште од 2017 година.
„Во моментов, вработени сме околу 90 луѓе, од кои 90 отсто се ревизори, а десет проценти технички персонал. Според систематизацијата, направена пред многу години, за нормално функционирање ни се потребни околу 150 луѓе. Но, кој да мисли на тоа сега, кога рацете ни се целосно фатени и не можеме да продолжиме без парламентот да ни испорача нов шеф“, тврдат вработени во Заводот.
Вчерашната седница во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата беше прекината откако владеачките партии не можеа да се договорат за заеднички кандидат. СДСМ и ДУИ истрчаа со свој фаворит, кој не можеше да добие мнозинство во 13-члената комисија, во која членуваат и шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Беса, која воглавно соработува со најголемата опозициска партија во земјава.
Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зеќири го предложи Адем Цури за државен ревизор и за него гласаа шест од 12 присутни членови на Комисијата. Пратеникот од ДУИ, Ејуп Алими, пак, го предложи Насер Адеми, кој ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор.Во образложението за предлогот за Адеми, Алими рече дека додека тој бил на раководно место во Државниот завод за ревизија имало позитивни оценки за работата на институцијата. Зеќири на тоа реплицираше дека не ја оспорува работата на Адеми, меѓутоа, како што рече, тој е 18 години на раководно место во институцијата и оти неговата кандидатура не е во согласност со барањата на ЕУ.По гласањето, претседателот на комисијата, Илија Димовски ја прекина расправата за оваа точка и ги повика политичките партии да изнајдат начин да се договорат за изборот на државниот ревизор.
Додека партиите преговараат, вработените во Државниот завод за ревизија дишат на жабри. Тие испратија писмо до десетина државни и меѓународни институции во кое апелираат да им се реши проблемот.


„Без да навлегуваме во причините што доведоа ДЗР да се најде во ваква состојба и со оглед на тоа што оваа институција треба да остане надвор од политиката и партиските договарања, укажуваме дека повеќегодишното одлагање на избор за главен државен ревизор ќе ги има следните последици: ќе нема реализација на годинешната програма, ќе нема подготовка на извештај по направените ревизии и тие што се во тек, не ќе можеме да се најавиме и да вршиме нови ревизии, не можеме да ја подготвиме програмата за наредната година, не можеме да плаќаме режиски кирии и други сметки по основ на јавни набавки, не можеме да добиеме плата, не можеме да помогнеме во реализацијата на предвремните парламентарни избори и на крајот, ќе добиеме негативна оценка во делот на нашето функционирање од Европската комисија“, предупредуваат вработените.
Тие алармираа дека со континуираното одлагање на изборот на главен државен ревизор, институцијата се соочува со комплетна блокада што ќе доведе до немање контрола врз трошењето на јавните пари.Мандатот на последната главна државна ревизорка Тања Таневска истече во декември 2017 година. Таа беше на функцијата десет години, односно беше избрана во 2007 година, кога тогашната парламентарна опозиција негодуваше дека не била соодветна за функцијата. До 4 октомври годинава, нејзиното место го пополнуваше в.д. директорот Насер Адеми, но истече и неговиот деветгодишен мандат како заменик. Пред неколку месеци беше распишан оглас за ДЗР, на кој не се појавија попознати имиња, освен можеби Ване Цветанов, кого Владата го именува за претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата.
Последните објавени ревизии за регуларност во работењето на државните институции објавени на интернет-страницата на ДЗР се од крајот на август годинава и се однесуваат на Собранието, односно на кампањата за референдумот за името, кој се одржа минатата година ова време. Во тој период е објавен и извештај за финансиското работење на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во 2018 година, а во јуни завршила ревизијата на државниот буџет за минатата година.
ДЗР е регулаторно тело кое ги контролира и мониторира буџетските трошење и работата на државните и јавни институции, како и финансиското работење на партиите и на единиците на локална самоуправа.
Државниот завод за ревизија неодамна најави контрола на обвинителствата, меѓу кои и на згаснатото СЈО. Тие не можат да се реализираат без да биде назначен главен ревизор.

Горан Адамовски