Во затвор во Никарагва почина сандинистичкиот херој Хуго Торес


Поранешниот херој на сандинистичката герила, Хуго Торес, кој последните години се бореше против актуелниот претседател на Никарагва, Даниел Ортега, а за кого своевремено го ризикуваше својот живот, вчера почина во затвор на 73-годишна возраст.

Затворен на 13 јуни минатата година во познатиот затвор „Ел Чипоте“ во Манагва, Хуго Торес Хименез беше еден од 46-те политички противници уапсени од владата на Ортега, која ги обвини за заговор против него, со поддршка од САД.

Апсењето на пензионираниот генерал му овозможи на Даниел Ортега, ослободен од сите негови потенцијални ривали, на 7 ноември повторно, четврти пат по ред, да биде избран за претседател на Никарагва.

Торес беше потпретседател на опозициската Унија за демократска реконструкција (Унамос), која се појави во 1995 година од Сандинистичката партија, по несогласувањата со Даниел Ортега. Тој беше еден од водечките луѓе во борбата против диктатурата на Сомоза, семејството кое владееше со Никарагва помеѓу 1937 и 1979 година, а водеше герилска операција во 1974 година за ослободување на Даниел Ортега од затвор.

-Пред 46 години го ризикував животот за да го извлечам Даниел Ортега од затвор. Имам 73 години и никогаш не помислив дека во оваа фаза од мојот живот ќе се борам на граѓански и мирен начин против новата диктатура, се потети Торес во видеото снимено пред неговото апсење минатата година.