Во Загреб почина актерката Костадинка Велковска, пејачка на шансони, жена со големо срце и шарм

Почина Костадинка Велковска, хрватска театарска, телевизиска и филмска актерка и пејачка со македонско потекло, потврдија хрватските медиуми.
Таа починала во неделата на 76-годишна возраст во пензионерски дом.
Костадинка Велковска засекогаш заспа. Актерка, пејачка на шансони, жена со исклучителна животна енергија, големо срце и шарм кој ги пленеше сите што и се доближија. Убавата, но темпераментна русокоса со кадифен глас беше омилена на сцената и надвор од неа. Со заразна насмевка и хумор криела бројни приватни несреќи кои и ги приреди животот. Како да знаеше дека таа е личност која може да ги поднесе сите удари. Нејзината сестра трагично загинала кога имала само 21 година, по таа трагедија татко и се самоубил, сопругот со кој го имала синот единец Никола и починал на раце, а ја загубила мајката која и била најголема поддршка во животот, пред 14 години…
За убавата актерка кобен беше тешкиот мозочен удар од кој не успеа да се опорави. Таа и самата отворено зборуваше за животните трагедии, но се скрши пред сопствената судбина дури пред три години кога оперира голем, но за среќа бениген тумор на мозокот.
„Не за џабе се вели дека Македонците прво почнуваат да танцуваатт, па да одат, прво пропејуваат, па зборуваат. И кога се тажни, можат да пеат, дури и низ солзи. Често се случува за време на настап да плачам и да пеам, но знам да го контролирам гласот. Кога ќе научам тажна песна, можам постојано да плачам. Кога мојот син Никола имаше пет години, ја научив песната „Што те нема“, која беше страшно тажна. И јас само пеев и плачев, а детето само ме погледна. Чистам со правосмукалка, пеглам и плачам. Кога имаше концерт со мојот покоен сопруг Дамир Покрајец, кој ме придружуваше на гитара, Никола седеше во аудиториумот со мајка ми. Ја најавувам таа песна и велам дека првпат ќе ја испеам, а Никола се свртува кон публиката и вели: „А, сега ќе видите, само ќе плаче“, изјави актерката во едно интервју.
Велковска имаше богата кариера. Родена е 1948 година во Скопје, од каде во 1968 година заминува за Загреб за да студира глума. По завршувањето на студиите, глумеше две години во театарот во Дубровник, а потоа доаѓа во Загреб во театарот Керемпух, каде што останува до пензионирањето.
Велковска глумеше во сериите „Забранета љубов“, „Засекогаш соседи“, „Нашата мала клиника“, „Не се откажувај, Нина“, „Дар-мар“, „Битанги и принцези“…
Оствари улоги и во филмовите „Бомбашки процес“, „Браво маестро“, „Последниот подвиг на диверзантот Облак“, „Јазол“, „Духот на баба Илонка“ и многу други.
Нејзината прва телевизиска улога беше во серијата „Неосвоен град“, ТВ Загреб од 1982 година, а последна улога ѝ беше улогата на Розалија Црнчевиќ во серијата „Дар-мар“ од 2021 година.