Во Вучиќ немаат доверба ни Путин ни Западот, оценува Бошко Јакшиќ


Српскиот претседател на 25 ноември треба да оди на средба со Владимир Путин

Според Јакшиќ, за недовербата од двете страни виновен е самиот Вучиќ

 

Истата атмосфера ќе ја одбележи и средбата меѓу Александар Вучиќ и Владимир Путин на 25 ноември во Москва, без оглед на новите околности во однос на критичкиот однос на САД кон владеењето на српскиот претседател изјави за белградскиот весник „Данас“ Бошко Јакшиќ, искусен надворешно-политички аналитичар.

На денешната средба меѓу претседателот на Србија и амбасадорот на Русија во Србија, според соопштението, Вучиќ посочил колку е важна неговата претстојна посета на Москва, имајќи го предвид угледот и влијанието на Руската Федерација и претседателот Путин на светската политичка сцена и светските економски текови.

Рускиот амбасадор Боцан-Харченко рече, се вели во соопштението, дека е убеден дека оваа посета ќе биде успешна, како и сите претходни, имајќи ги предвид пријателските односи и добрата соработка меѓу двете земји.

„Резултатот од средбата на двајцата претседатели ќе биде претставен преку изразен степен на срдечност на Вучиќ кон Путин, пред ТВ камери, како и преку повторување на сите тие фрази дека Русија е секогаш тука да ги брани интересите на Србија, пред сѐкон Косово и слични работи. Во суштина, нема ништо да се промени во однос на претходните средби, а тоа е дека Путин нема доверба во Вучиќ“, нагласува Бошко Јакшиќ.

Како што додава Јакшиќ, Вучиќ е самиот виновен затоа што се довел во ситуација да не ја ужива довербата ни на Запад ни на Исток.

„Клацкалицата на таа недоверба е она што ги отсликува неговите односи во континуитет. Во рамките на таа недоверба тоа одредува и одредени чекори. Русија нема премногу да се залетува за Србија, на крајот Србија не е и некој преголем стратешки интерес на Москва. Но, се разбира, тој не сака да ја загуби основата што ја има само благодарение на косовската криза. Вучиќ тоа ќе го искористи преку изјави, го имам со мене братот и пријателот Путин, опозицијата може да грицка нокти додека гледа како јас повторно имам средби со светските лидери, но во суштина ќе остане едно статус-кво“, оценува Јакшиќ.

Според него, она што ќе го задоволи Путин е фактот што Русија има силно влијание врз една земја која е кандидат за членство во ЕУ.

„Москва ќе биде задоволна бидејќи може да го зачува тоа. На крајот ќе го награди Вучиќ со поволна цена за гас. Целата посета нема да има посебно значење со оглед на сите турбуленции во регионот“, заклучува аналитичарот Бошко Јакшиќ

Србија не доби покана за учество на Самитот за демократија чиј домаќин е американскиот претседател. Покани не добија ни Унгарија ни Турција. Од регионот само Македонија, Албанија и Црна Гора добија покани од Џо Бајден.

Во исто време, група американски конгресмени побараа од американскиот претседател Бајден да размисли за воведување санкции за оние кои го дестабилизираат Западен Балкан и го обвинија српскиот претседател Александар Вучиќ за продлабочување на корупцијата и притисок врз медиумите.

Конгресмените го повикаа Бајден да размисли за користење на Извршниот налог 14033, каде што е можно, за блокирање на имотот и забрана за влез во Соединетите Држави на оние кои придонесуваат за дестабилизација на ситуацијата на Западен Балкан, со цел да се постигне потранспарентна и поодговорна влада во Србија која ги почитува демократијата, човековите права и владеењето на правото, пишува „Данас“.