Во вторник протестираат вработените во шест министерства и ДЗС
По стапувањето во штрајк на вработените во Државното правобранителство пред два дена, во вторник, на 14 јануари, на протест излегуваат вработени од шест министерства, како и од Државниот завод за статистика. Ова во изјава за МИА го потврди претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, кој рече дека засега се очекува на протест да излезат вработените од министерствата за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и вработените од Државниот завод за статистика.
Деаноски нагласи дека во понеделник официјално ќе биде објавено кој сѐ ќе учествува на протестот, бидејќи, како што рече, постои можност да се приклучат вработени и од други министерства.
– Во понеделник официјално ќе објавиме кој сѐ ќе учествува на протестот. Засега има шест министерства кои ќе излезат на протест, односно Министерство за култура, Министерство за животна средина, Министерство за европски прашања, Министерство за дигитална трансформација, Министерство за транспорт и врски, Министерство за економија и труд, како и вработените во Државниот завод за статистика. Барањата се потпишување на колективен договор, со којшто вработените ќе имаат 30 проценти додаток на плата, изјави Деаноски.