Во вторник ќе се бира гувернер на Народната банка, Мицкоски не открива кого ќе поддржи Владата
Имиња во барабанот: Зоран Ставрески, Трајко Славески, актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска-Војновиќ

В понеделник, на 19 овој месец ќе биде познато името на личноста која што ќе ја има поддршката на владејачкото мнозинство да биде на чело на Народната банка во наредните седум години, а во вторник предлогот ќе биде ставен и на седница на Собранието.
Ова денес го најави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче, притоа не откривајќи кого ќе поддржи Владата и ВМРО-ДПМНЕ. Гувернерот на НБ го бира Собранието, на предлог на претседателот на државата.
Во јавноста веќе кружат неколку имиња кои се кандидати за престижната функција. Покрај актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, според објавените информации во медиумите во игра се и поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески и актуелниот претседател на Советот на Град Скопје и поранешен министер за финансии, Трајко Славески. Во дел од медиумиет се спомнува и името на поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска-Војновиќ, која во моментов е член на Надзорниот одбор на КИБС (Клириншка куќа клириншки интербанкарски системи АД Скопје).
Инаку, мандатот на актуелната гувернерка завршува на 21 овој месец, односно во среда наредната недела.
„Веќе имавме разговори со претседателката Силјановска-Давкова во понеделникот на оваа тема. Очекувам тие разговори да ги продолжиме и до крајот на неделава ќе биде јасна позицијата“, изјави денес премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека очекува во понеделник да биде информирано Собранието, кое на 20 мај (во вторник наредната недела) има седница.
„Разговарав и со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20-ти така што рокот ќе биде испочитуван“, уверува Мицкоски.
На прашањето кој е негов фаворит, лично и како претседател на партијата, Мицкоски одговори дека тоа не е битно.
„Она што може да кажам како претседател на Владата е дека сите кандидати кои што се разгледуваат се вонсериски, искусни, и кандидати кои што, убеден сум, ќе ја одржат макроекономската стабилност на Македонија“, вели Мицкоски.
На прашањето дали тоа значи дека еден од условите за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и од Владата е бранење на фиксниот курс на денарот, Мицкоски кусо одговори: „Да“.
Со оглед на активностите кои што ги има до крајот на неделава, нејасно е кога ќе се спроведат дополнителните консултации за избор на гувернер на Народната банка. Утре во земјава доаѓа претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а на негова покана Мицкоски ќе го придружува на летот до Тирана, каде што има вечера за лидерите од Западен Балкан, а во петок има состанок на Европската политичка заедница. Мицкоски рече дека доцна вечерта во петок се враќа во земјава, а веќе има договорено активности викендов, во сабота и во недела.
Инаку, постојната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, стапи на функцијата гувернер на Народната банка во мај 2018 година, со консензулна поддршка од сите партии во Собранието, доаѓајќи на местото на нејзиниот претходник Димитар Богов. Претходно, Ангеловска-Бежоска ја извршуваше функцијата вицегувернер.
Дали и сега ќе ја добие довербата, останува да се види наредните денови. Претседателката Силјановска-Давкова уште во предизборната кампања велеше дека една од нејзините заложби ќе биде предлагање силни жени кандидати за одговорните функции. Таа за директор и заменик-дирекотр на Агенцијата за разузнавање именува две жени. Сепак, за изборот на гувернер на Народната банка потребна е и поддршка од парламентарните партии, бидејќи тие го имаат конечниот збор при гласањето.
Гувернерската функција е од исклучителна важност, со оглед на функциите кои што ги има Народната банка како институција која што ја спроведува монетарната политика и се грижи за стабилноста на инфлацијата и на националната валута денарот. За овие прашања, барем до сега, во земјава имаше консензус од сите политички партии, без оглед која опција беше на власт. (M.J.)