Во време на дигитални лавини, книгата останува тивок, но моќен отпор, вели Љутков (фото)
Благодарение на визионерите, како Круме Кепески, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ и други, македонскиот јазик доби свои темели, а со тоа – и македонската книга доби свој автентичен глас

Книгата е продолжение на нашата колективна свест. Книгата е и отпор против заборавот, крвоток на културата, столб на демократијата и учител кој никогаш не заминува во пензија. Во време на дигитални лавини, наслови што трепкаат, информации што исчезнуваат побрзо отколку што се појавиле, книгата останува тивок, но моќен отпор. Таа не нè преплавува – таа нè обликува. Не ни кажува што да мислиме, туку нè учи како да мислиме, порача денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на отворањето на годинешното 37. издание на Саемот на книга во Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.

Саемот, под слоганот „Храна за душа“ ќе трае до 14 мај. Најавени се над 65 издавачки куќи и повеќе од 110 промоции и средби со автори.
Според Љутков, годинава Саемот на книгата добива уште поголема тежина, затоа што се совпаѓа со значаен јубилеј – осумдесет години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Овој историски чин, како што рече, не беше само лингвистички подвиг, туку цивилизациски скок.

-Благодарение на визионерите, како Круме Кепески, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ и други, македонскиот јазик доби свои темели, а со тоа – и македонската книга доби свој автентичен глас. Денес, кога листаме страници испишани на јазикот на нашите мајки и дедовци, ние ја чествуваме не само нивната борба, туку и нашата иднина. Нема иднина без јазик, а нема ниту јазик што опстојува без своја книжевност, рече Љутков.
Како што рече, книгата е најголемиот дар што една нација може да си го подари себеси.
-Ова не е само саем на книгата. Денешниот ден е своевиден празник. Празник на слободната мисла. На различноста. На љубопитноста. На тишината која зборува. На јазикот кој живее, додаде Љутков.
Тој потврди дека како македонска Влада и Министерство за култура и туризам, ќе ја продолжат нивната посветеност кон поддршка на издаваштвото, промоција на читањето меѓу младите, и заштита на македонскиот јазик како непроценливо културно богатство.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање напомена дека токму Саемот е обид за културен натпревар на народите.
-Саемот на книгата секоја година е како некоја крстосница на македонска, на балканска, на европска и на светската книжевност, и мислам дека со години е врвна културна институција. Токму книгите кои ги читаме, а особено оние книги на кои се навраќаме, ги препрочитуваме, зборуваат повеќе за нас, за нашите идеи, за нашите идеали, отколку која било напишана биографија или CV, или особено профилите на социјалните медиуми, рече Сиљановска Давкова.
Според неа, прашањето со кое денес се соочуваме, не е само кои книги ги читаме, туку колку време имаме и издвојуваме за читање.

-Времето во кое живееме, некои социолози со право го дефинираат како „ера на расеаност“. Мислам дека без слободно време нема читање на книги, а без читање на книги, нема размислување. Ние не можеме да се посветиме на едно од најважните прашања. Читањето на книгите. Се поголем дел од нас, не само од македонската популација, се одалечува од книгата и конзумира некакви си исечоци, фрагменти на социјалните медиуми, и таму доминира сензационализмот, но во него нема суштина, рече Сиљановска Давкова.

Тоа е, како што подвлече, нешто страшно и нешто што ќе не отапи, бидејќи откажувањето од читањето, значи откажување од размислувањето и ако така продолжиме, тоа ќе не доведе до духовен и интелектуален банкрот.
-Овие приказни, овие книги, се столбот на нашиот идентитет. Тие се наративни мапи, што ни помагаат да се ориентираме во животот, да го разликваме доброто од злото, вистинитото од лажното, вредното од безвредното, рече претседателката.

Управителката на Скопски Саем, Даниела Глигоровска рече дека овие денови Арената „Борис Трајковски“ ќе биде многу повеќе од простор за изложување. Тоа ќе стане голема библиотека под отворено небо на идеи, емоции и откритија.
-Тука, на секој штанд, во секоја насмевка на издавачите, во секој разговор со авторите, се крие нешто што не се купува, а тоа е љубовта кон пишаниот збор. Книгите се патувања што ги почнуваме без да го напуштиме своето место, каде што ги читаме. Тие се мост меѓу генерации, култура, срце, рече Глигоровска.
Оваа година, Министерството за култура на Република Србија, преку Амбасадата на Република Србија во нашата држава, има свое учество и свој штанд на Саемот.

Министерот за култура на Република Србија, Никола Селаковиќ кој денеска присуствуваше на Саемот, во своето обраќање напомена дека книгите и писмото се врска меѓу небото и земјата, врска меѓу народите и врска на човечката душа и знаењето.
-Ние сме навистина народи на книгата. На изворот на нашиот идентитет и од почеток на нашата државност, се наоѓаат вредностите што книгата ги претставува и ги чува, рече Селаковиќ.
Тој додаде дека српско-македонските книжевни врски не се ниту скорешни, ниту површни.

-Во својата приказна „За Кичевско е, за Македонско е“ посветена на ловецот Мачо, Раско Петровиќ, еден од најдобрите писатели на српскиот модернизам, кој како гимназијалец заминал на фронт во Првата светска војна, ја поминал Албанија, а подоцна ја запознал и Македонија, пишува: Ех, мој господине професор. Македонија е страшна земја, но и прекрасна. Чудни ѕверки уловивме тој ден. Би си рекол некој, ѕверилник, но и поезијата тука пее тивко. Секоја година кога ќе дојдам кај неа, ја допирам на миленичката почвата со рацете. Не знаеш ти, што е земја Македонија, додаде Селаковиќ.
Според него, не случајно токму некои од најдобрите српски писатели напишале такви литературни дела, бидејќи културните врски, блискоста и разбирањето, се доминантата на српско-македонските културни односи.
-Драго ми е што по пауза од 11 години, Република Србија повторно се појавува како изложувач на 37. Саем на книгата во Скопје. Причината за тоа ја најдовме и во фактот што со години наназад, делата од српските писатели најмногу се преведуваат токму на македонскиот јазик, рече Селаковиќ.
Тој напомена дека српската литература е присутна и видлива во македонската културна јавност и во пост југословенската ера.
-Тоа не обврзува и нас, покрај сестрано добрите политички, стопански, здравствени и туристички врски, да ги унапредиме и врските на наши две култури. Се надевам дека наскоро ќе можеме да бдиеме домаќини на издавачите и писателите од Македонија на белградскиот и новосадскиот Саем на книгата и со тоа да ја продолжиме прекрасната книжевна нишка, која трае со децении, рече Селаковиќ.