Во ВМРО искрени или пресметани: И ние сакаме датум, Заев и онака е готов


Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се врати од Брисел и од Берлин каде што имаше средби со челните луѓе на Европската народна партија и со соработниците на германската канцеларка Ангела Меркел. Разговорите биле искористени да се лобира нашата земја да добие почеток на преговори за членство во Европската Унија, но воедно беа упатени и низа критики за работењето на владата на Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ е уверена дека Македонија летово нема да добие датум, поради што најави дека ќе бара предвремени парламентарни избори, па во дел од јавноста се поставува прашањето дали најголемата опозициска партија лобира, но Бога моли да нè успееме, за потоа да може политички да профитира.

„Верувам дека тоа време на водење политика според моделот ‘лошо за државата е добро за партијата’ е завршено. Добивањето датум за преговори е натпартиски проект. Помагаме каде што можеме и ќе продолжиме да помагаме“, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали е од помош тоа што партнерите од Брисел ги „брифираат“ дека владата на Заев е коруптивна, не спроведува реформи и не ги застапува европските вредности, Николоски одговара:

„Ако ја следевте расправата во германскиот Бундестаг, ќе видите дека беа пофалени две работи: справувањето со мигрантската криза во 2016 година и безбедносните закони што беа изгласани неодамна. И двете се со заслуга на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, беше спомената голема корупција, дека нема владеење на правото и слично. Ние не можеме да ги премолчуваме тие работи кога разговараме со нашите пријатели од странство. Нагласуваме оти граѓаните не смеат да бидат казнети поради неспособноста на владата. Нормално е да кажеме како работат во владата, кога веќе нè прашуваат. Но, барем не кодошиме, како што, на пример, правеше Кире Наумов додека СДСМ беше во коалиција со писмата за еврообврзниците. Ќе биде подобро и за нас државата да биде стигната до некаде кога ќе дојдеме на власт, а не да почнуваме од почеток. Секому е јасно дека на Заев му нема спас и со датум и без него“, дециден е Николоски.

И пратеникот Илија Димовски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ посакува да добиеме датум за преговори, затоа што премногу труд бил вложен изминатите години, а неговата партија се посветила на таа агенда. Димовски сега гледал запоседнување и злоупотреби на целиот систем, прашања што би се отвориле со почетокот на преговорите.

Во СДСМ, пак, воопшто не им веруваат на партиските првенци од опозицијата.

„Сите соработници на Мицкоски со јавни изјави дејствуваат против државните и интересите на граѓаните. Тања Каракамишева јавно побара од државите членки на ЕУ да не дозволат да ги започнеме пристапните преговори. Александар Николоски јавно се залага за недобивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Тој нема право да зборува за стандардите на ЕУ, затоа што вечерта на 27 април беше покрај Груевски во Виена. Еден од соработниците на Мицкоски е и Антонио Милошоски за кого стандардите на ЕУ се мисловна именка. ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со напредокот на државата, не може да се помири со тоа што го добивме најпозитивниот извештај од Европската комисија и безусловна препорака за почеток на преговорите“, велат од „Бихаќска“.

Партијата со која раководи Христијан Мицкоски најави оти, доколку нема зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, веднаш ќе побара итни избори со образложение оти владата не работи ништо, освен што го промени името на државата. Премиерот Заев деновиве најави слично сценарио ако Брисел не ги вреднува отстапките и реформите што ги направија владата и државата.

„Моите информации се дека и оваа година Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. Ниту во јуни ниту наесен“, заклучува Николоски.

Горан Адамовски