Во вкупно 142 институции на национално ниво, само четири Ромки се вработени на раководни позиции


Фрапантни се податоците кои покажуваат дека во вкупно 142 мониторирани институции на национално ниво, само четири Ромки се вработени на раководни позиции. Додека, пак, вработеноста на Ромки изнесува 0,47 отсто, изјавија денеска, од Групата за застапување за еднакви можности при вработување, составена од Ромки активистки која делува во рамки на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, при презентацијата на наодите од Извештајот за состојбата на Ромките на пазарот на трудот.

– Од анализата на вкупно 54 ЕЛС, добиени се навистина поразителни информации, за ниска вработеност и општа незастапеност на Роми на раководни работни места, при што ја издвојуваме општина Шуто Оризар, која важи за најголема општина каде живее ромско население, а во локалната самоуправа се вработени вкупно 18 лица, од кои само 8 се Роми, притоа од наведените никој не е на раководно работно место, изјави Сибела Мамудоска од Групата за застапување за еднакви можности при вработување.

Како што информираат од групата, со цел изработка на оваа анализа бил спроведен мониторинг на вработеноста на Ромки во јавни институции на национално ниво, од аспект на тоа дали истите се на раководни или нераководни работни места – сегрегирани по пол, при што биле мониторирани независни органи, органи на Владата на РСМ, министерства, самостојни државни органи, единици на локална самоуправа, центри за социјална работа и центри за вработување. Од спроведениот мониторинг велат дека не добиле задоволителни информации во поголемиот дел од мониторираните институции и политики, кои укажуваат на висока стапка на невработеност на Ромки на национално ниво која изнесува 49,7 отсто.

– Од мониторирани вкупно 30 центри за вработување само во центрите во Гостивар и Неготино има вработено по еден Ром. Утврдена е и алармантна родова нееднаквост во поголемиот дел од мониторираните институции, дури и во некои институции воопшто нема вработено Роми, како што се Министерство за здравство, Министерство за локална самоуправа и Министерство за животна средина и просторно планирање, што укажува на сериозен недостиг на соодветни политики за елиминирање на оваа нееднаквост, би рекла и дискриминација, вели Мамудоска.

Од Групата за застапување за еднакви можности при вработување на жената Ромка апелираат дека ќе настојуваат, наредната календарска година, да се подобри вработеноста на Ромките во институциите на национално ниво, но и да се постигне родова еднаквост.

– Апелираме дека прашањето за вработување на Ромките мора да биде меѓу врвните приоритети во националните политики за Роми. Потребно е да се креираат ефективни мерки, да се подобрат локалните политики и мерките за вработување на Ромки, како и да се обезбедат достојни и одржливи вработувања. За таа цел ќе ја зголемиме соработката со јавните институции, со цел активно да влијаеме на постигнување на овие приоритети, а тоа е зголемување на учеството на Ромки на пазарот на трудот преку подобрување на постоечките мерки и политики, додава таа.

Ноодите од Извештајот за состојбата на Ромките на пазарот на труд беа презентирани на конференцијата, организирана во рамки на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, кој е финансиски поддржан од шведската фондација „Kvinna Till Kvinna“.