Во Визбегово гори приватен имот каде што биле складирани стари автомобили


Фото: Б. Грданоски

Екипите на Противпожарната бригада се активни на терен, на интервенција за гаснење на пожарот кој денес избувна во Визбегово, на локација кај обиколницата, каде запален е приватен имот каде што биле складирани стари автомобили.

Скопската противпожарна бригада на Град Скопје веднаш е излезена на терен и со сите расположливи возила, опрема и човечки капацитети активно дејствува во справување со пожарот.

Паралелно, на терен се и инспекторите на Град Скопје, а за случајот се информирани Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, како и Јавното обвинителство, информира скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

„Апелираме до граѓаните за смиреност, внимателност и почитување на насоките на надлежните служби. Состојбата се следи внимателно, а институциите постапуваат координирано, со цел пожарот да биде ставен под контрола, да се заштитат граѓаните и да се утврди одговорност за настанатата состојба. Градот Скопје нема да дозволи неодговорното однесување и создавањето диви депонии да го загрозуваат здравјето на граѓаните и животната средина“, додава тој.