Во Вевчани отворена канцеларија за одржливо управување на заштитеното подрачје Вевчански извори


Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест денеска во Вевчани отвори канцеларија во рамките на проектот „Поддршка на одржливо управување на заштитеното подрачје Вевчански извори“.

Целта на тригодишниот проект е да се обезбеди поддршка за одржливо управување со заштитеното подрачје Споменикот на природата „Вевчански извори“, а ќе се реализира со поддршка на PONT (Prespa Ohrid Nature Trust).

– Со спроведувањето на овој проект ќе се изврши ефективно следење на клучните видови во споменикот на природата „Вевчански извори“, поставување на едукативни табли и патокази, воспоставување на еко-патрола, едукација за биолошката разновидност, како и привлекување на повеќе посетители во подрачјето, соопшти Еко – свест.

Извршната директорка на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска смета дека проектот се надоврзува на низа претходни реализирани во соработка со Општина Вевчани и релевантните чинители во заштитеното подрачје „Вевчански извори“.

Проектот ќе обезбеди континуитет и ќе го поддржи спроведувањето на планот за управување со заштитеното подрачје „Вевчански извори“, но ќе даде и поддршка на Општина Вевчани во спроведување на своите активности за заштита на природното наследство.