Во Велс, „Глувци и луѓе“ и „Да се убие птицата подбивница“ исфрлени како лектири


Американските романи „Глувци и луѓе“ и „Да се ​​убие птица подбивница“ се отстранети од наставната програма за средно училиште во Велс поради загриженост за расизам.

Новата програма за англиски јазик и литература, издадена од најголемиот испитен одбор во земјата WJEC, ќе се спроведува од септември 2025 година и не ги вклучува овие книги.

„Глувци и луѓе“, роман од Џон Стајнбек од 1937 година, долго време е дел од наставната програма во Обединетото Кралство и ја раскажува приказната за двајца работници – мигранти на ранчот за време на Големата депресија.

„Да се ​​убие птица подбивница“ е роман на Харпер Ли објавен во 1960 година, кој ја раскажува приказната за адвокатот Атикус Финч кој го брани Том Робинсон, црнец погрешно обвинет за силување бела жена. И двата романи ги истражуваат темите на расата и дискриминацијата и содржат расни навреди.

„Многу погрдни и негативни портрети на црнците“
Комескарката за деца на Велс, Росио Цифуентес го поздрави потегот за отстранување на „Глувци и луѓе“, велејќи дека тоа „ја заштитува благосостојбата“ на децата кои се жалеле на тоа како се чувствуваат за време на дискусиите за негативното прикажување на црнците во книгата. „Тие често се единственото црно дете во тој клас, а дискусиите се фокусирани на многу погрдни и негативни портрети на црнците“, рече таа.

Велшката опозициска политичарка Наташа Асгар ја критикуваше одлуката, велејќи дека таа е контрапродуктивна во борбата против расизмот.

„Наместо да го забраниме „Глувци и луѓе“, треба да го ставиме во историски контекст, покажувајќи им на студентите колку отворениот расизам и сексизам беа вообичаени и прифатени во минатото и зошто тоа беше штетно и погрешно. Цензурата не го решава проблемот, таа спречува младите да се соочат и да ги разбираат овие предрасуди, од кои некои за жал продолжуваат“, рече таа.