Во Велес отворен Х Фактор акцелератор, прв во Вардарскиот плански регион


Единаесет апликанти се дел од предакцелераторската програма што ја започна Х фактор акцелераторот отворен денеска во Велес, прв таков субјект во Вардарскиот плански регион. 

Како дел од програмата на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) со поддршка на Светска банка на старт-ап компаниите им нуди финансиски средства, менторирање, советување и поддршка во потребните сегменти. Нема ограничување во поглед на дејноста на стартапите што ќе бидат финансирани, но приоритет имаат оние кои ќе понудат дигитализирани иновативни решенија во традиционалните сектори.

Акцелераторот го основаат четири лица: Милан Димитриевски, претприемач со сопствена компанија Делта Пром ИНГ, Сашко Панчевски претприемач и основач и извршен директор на Еуропа ДОО Скопје, Тодор Левков експерт за финансиски менаџмент и  Игор Андреев маркетинг истражувач и бизнис консултант.

Во акцелераторот ќе има две фази за инвестирање, првата во максимален износ од 30 илјади евра за пет до десет стартапи,  а во втората за два до три стартапи со најголем потенцијал и потреба од дополнителна инвестиција за брз раст, максимум до 70 илјади евра.

Покрај финансиската поддршка нудиме и менторска поддршка од искусни политичари кои имаат стартувано сопствен бизнис и успешно управуваат со нив како што впрочем сме и ние самите. Како водечки консултант во целиот процес е Михаил Китановски од Д2ЕМ Консалтинг ,како и мрежа од ментори и консултанти во разни сфери од бизнисот со кои имаме воспоставено контакти -рече Милан Димитриевски, управител на Х фактор акцелераторот.

 Покрај нивни средства, како што рече, ќе направат и напори и за обезбедување финансии за сите стартапи  кои се дел од нивните програми преку организирање на настани и вмрежување со бизнис ангели, институционални инвеститори, а во соработка со општините и за поврзување со дијаспората.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев порача дека во бизнисот треба да се преземат разумни ризици. Со програмата на Фондот за иновации и технолошки развој се опфатени три акцелератори во вредност од два милиони евра, како што појасни, со учество од  25 проценти на сопствениците, а остатокот го дава Фондот за иновативност и технолошки развој и Светската банка. Ова е третиот акцелератор, а првите два се во УКИМ и „Сивус“.

– Ова е првиот акцелератор во Вардарскиот регион и надвор од Скопје што е многу важно за рамномерен регионален развој. Јас пред  скоро 20 години се наоѓав на истото место каде што вие сте денес. Да, ако се сака , може да се успее, јас тоа најдобро можам да ви го кажам вам сопствениците на компаниите коишто треба да растат и да бидат поддржани во рамки на овој акцелератор. Највредните компании во светот не се оние кои имаат долгогодишна традиција, тие се најстабилни како „Мерцедес“ „Бош“ и други. Највредните компании се оние коишто почнале од прва генерација како „Амазон“, „Тесла“, „Фејсбук“… Дали се може како што вие денес почнувате? – Апсолутно може, само треба да се води паметно и треба да се знае која е целта. Не е лесно да се стигне до неа, но акцелераторот треба да ви помогне да стигнете до таа цел, потенцира Анѓушев.

Директорот на ФИТ Јован Деспотовски  потенцираше дека во  изминатите две години е постигната бројка од 250 компании, вклучувајќи го и последниот стартап повик што го финансира Светската банка. 

– Тоа значи дека 250 компании од приватниот сектор веќе користат средства од околу 40 милиони евра, од кои  24-25 милиони евра се на државата и Светската банка, а остатокот се средства кои компаниите ги обезбедуваат сами. Ние со акцелераторот ќе правиме напори да се зајакнат капацитетите на претприемачите успешно да ги реализираат своите идеи кои се многу интересни, појасни Деспотовски.