Во Украина каменувале повратници од Кина заради корона вирусот


Жителите на украинскиот град Нови Санжари се обиделе со камења да го сопрат минувањето на автобуси со Украинци кои биле евакуирани од Кина. Некои од демонстрантите имале и метални шипки, а биле запалени и автомобилски гуми. На најмалку два автобуси биле скршени стаклата.

Како што јавуваат агенциите, имало и тепачка, но полицијата успеала да ги тргне демонстрантите и да обезбеди минување на автобусите со евакуираните Украинци кои биле упатени на двонеделен карантин во блискиот санаториум во овој град во централна Украина. Заради судирот со полицијата биле приведени неколку демонстранти.

Од Кина пристигнале вкупно седум автобуси со Украинци, кои носеле заштитни маски, додека возачите на автобусите биле облечени во специјална заштитна облека.

Повеќе земји ги евакуираа своите граѓани од Кина, заради епидемијата од смртоносниот корона вирус што се шири во таа земја. До сега како последица од вирусот починале повеќе од 2.100 лица, повеќето во Кина.