Во тропскиот циклон Гомбе загинаа 53 луѓе во Мозамбик


Најмалку 53 лица загинаа во Мозамбик откако тропскиот циклон Гомбе ја погоди земјата пред една недела, изјави одговорниот политичар за тешко погодената провинција Нампула, Мети Гондола, јави ДПА.

Гондола синоќа ја соопшти и бројката на загинати, предупредувајќи дека вистинската бројка на жртви може да биде многу поголема.

Илјадници куќи во оваа северна крајбрежна провинција се делумно или целосно уништени, а многу области се целосно отсечени од надворешниот свет поради поплавите и оштетувањата на патиштата, што напорите за помош ги прави речиси невозможни.

Брзината на ветрот на циклонот достигна околу 200 километри на час додека минатата недела ја зафати оваа југоисточна африканска земја, појасни ДПА.

Јужниот дел на Африка во моментов минува низ летната сезона на циклони, која носи силни бури и врнежи до март или април.