Во три сообраќајки со учество на мотори повредени неколкумина


Моторџија изгубил контрола, па со сопатничката се повредени, друг мотор удрил во товарно возило, а уште еден удрил во автомобил.
Во понеделникот, во 17.20 часот на улица „Костурска“ во Велес, Љ.Н.(36) од Велес управувајќи мотоцикл „Хамачи“ без регистарски ознаки,, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во незгодата, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, а сопатничката М.Р.(22) од Велес се здобила со телесни повреди и биле пренесени во Општата болница во Велес за укажување на лекарска помош. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.
Во 13.45 часот на улица „Бледски договор“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно возило„Виктори Џиоти“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.З.(36) од Скопје и мотоцикл „Пјаџо“ со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Ј.(38) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката на мотоциклот, А.Б.(35) од Скопје, а со телесни повреди се здобил мотоциклистот А.Ј.. Тие биле пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември“, каде им била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје.
Истиот ден, во 14.40 часот на крстосницата од улиците „Новачки пат“ и „Шералти“ во Битола се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „БМВ-525“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Н.К.(31) од Битола и мопед „Јујинг-50“ со битолски регистарски ознаки, управуван од Г.Р.(49) од Битола. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот и бил пренесен во Клиничката болниица во Битола за укажување на лекарска помош. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Битола.