Во третиот квартал се родиле 189 лица помалку отколку што починале


 

Во третото тримесечје од 2022 година, во земјава се евидентирани 4.956 живородени деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 3,0 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Бројот на умрените лица бележи намалување од 28,9 отсто во споредба со лани, односно 5.145 лицa, од кои 12 се умрени доенчиња.

Природниот прираст е -189 лица, односно за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје од годината склучени се 4.614 бракови и нивниот број е намален за 5,1 отсто во споредба со истиот период од 2021 година.

За третото квартал од 2022 се добиени 314 извештаи за разведени бракови, што претставува намалување од 13,0 отсто во споредба со истото тримесечје од 2021 година.