Во тетовско Гајре 64 годишник го загубил животот при градежни работи


При изведување градежни работи во тетовското село Гајре животот го изгубил 64-годишен жител на селото. Според првичните сознанија, тој работел на ѕид од камења што се урнал врз него.

– Во  10:20 часот, во СВР Тетово пријавено е дека  во тетовско Гајре, додека се изведувале градежни работи, со повреди се здобил Љ.И.(64) од ова село, кој набрзо им подлегнал на повредите. Лекари од тетовската Итна медицинска помош констатирале смрт, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

На местото увид извршиле екипа од СВР Тетово и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено на семејството.