Во Тетово, Штип и Гостивар денеска има повеќе оздравени од заболени пациенти


И покрај денешната висока бројка од 176 новозаразени од корона вирусот денеска има и некои охрабрувачки податоци. Најважниот е што се оздравени 80 пациенти и што во некои од кризните жаришта има повеќе луѓе кои се означени веќе како негативни отколку позитивни.

Така, во Тетово денеска се забележани 30 оздравени пациенти (нови инфекции има 22), во Штип 18 (новозаболени има 14) и во Гостивар има 8 оздравени и седум новозаразени лица од Ковид-19. И во Кочани денеска е многу поголема бројката на оздравени – 8, а само еден новозаразен.

За жал, денеска во најголемото жариште – Скопје иако има 61 новозаболен (вчера беа 93) има само петмина кои се оздравени (вчера беа 21). А од Скопје има дури седуммина починати.

Црната бројка ја надополнува и Струга, каде има 19 нови инфекции, а ниту еден оздравен (немаше ниту еден оздравен ни вчера), а еден починат.