Во Тетово на Велигден-мажите во посета на роднините, жените пречекуваат гости дома

Православните жители на Тетово може да се пофалат дека во време кога посетите меѓу роднини се се поретки, тие го прават спротивното барем за Велигден. Според специфичниот народен обичај денеска мажите со децата ги посетуваат речиси сите роднински куќи, додека жените остануваат дома за да ги пречекаат и угостат гостите.

Дарко Гавровски од Саат маало во Тетово, познат како хроничар на историјата на градот,  објаснува дека оваа традиција е стара веќе неколку векови.  Уште рано претпладне околу 9-10 часот се тргнува на условно речено турнеја.

-Излегуваме од дома сите машки.  Со мене одат синот, татко ми, брат ми и неговото дете и заедно одиме во куќите на роднините. Таму бидејќи исто така мажите се по гости пречекани сме од страна на стрини, тетки, вујни, кумата, старосватицата и слично. Така тераме цел ден, а доцна попладне се делиме и на пример јас одам сам да ги посетам куќите на моите лични пријатели, а брат ми кај неговите, вели Дарко Гавровски.

Гостите при влегувањето ја поздравуваат домаќинката со Христос Воскресе, додека таа отпоздравува со Навистина Воскресе. Следи седнувањето на трпеза која кај сите домаќинства за Велигден мора да е богата. На масите се поставуваат речиси сите можни јадења: кифли, салати, месо, риба, сувомеснато, колачи, баклава, ракија, вино.

Редовно домаќинките се настојчиви гостите да земат нешто од трпезата која е разновидна, но со оглед дека мажите минуваат и по десетина куќи од јадењата пробуваат по малку. Додека домаќинката се жали дека гостинот ништо не пробал, тој ќе возврати дека каснал една кифличка и салата и бидејќи има многу куќи за поминување колачи ќе земе на друго место.

Муабетот на велигденската трпеза продолжува со констатацијата дека “да не беше Велигден немаше да се видиме”, алудирајќи на слабото видување на роднините за време на годината што изминала меѓу двата велигдена. Секако, разговорот продолжува со прекажувањата за случките и настаните кај двете семејства и другите гости доколку се погодат во ист момент.

На одење, домаќинките на гостите им подаруваат по едно вапцано  јајце со поздравот Христос Воскресе, а гостите отпоздравуваат со Навистина Воскресе.  Следуваат и поздрави за домашните кои во моментот не се присутни, бидејќи се дома или по гости.

– Празничните радости за тетовци, посебно за децата за Велигден започнуваат можеби еден месец порано. Со оглед дека адетот е да доаѓаат гости, сите ние  правиме напор пред Велигден да ги бојадисаме ѕидовите од домот како и да се направи генерално чистење. За децата е убаво тоа што им се купуваат нови алишта и чевли што ќе ги носат на Велигден, објаснува Дарко

Иако има луѓе кои ја напуштиле традицијата на прославување, Дарко смета дека нема поубаво од тоа да се одбележи Велигден со роднините.

-Некои луѓе забележуваат дека не е правилен начин на одбележување на празникот бидејќи бил фамилијарен празник. Разликата во Тетово е тоа што се празнува со пошироката фамилија. Нели, ќе одам кај вујната, а вујко ми ќе ја посети мајка ми, која му е сестра, на пример. Не одиме кај непознати, одиме да се видиме со роднините. Сметам дека е поправилен обичај и поблизок до црковните правила односно на пример да се оди на 3-4 дена во странски земји за шопинг или да се видат некои знаменитости. Во Тетово најголем грев е дента на Велигден куќата да ти биде заклучена да не пречекаш гости, тие да се вратат од пред влезната врата, вели Гаровски.

Централната црковна манифестација, се одржува во тетовскиот соборен храм „Св. Кирил и Методиј, каде во дворот на Велика Сабота во 23 часот трикратниот опход околу храмот со пеење и биење на камбаните го започнува митрополитот тетовско-гостиварски  г. Јосиф.