Во тестаментот на Конески е пораката да продолжиме да пишуваме на македонски, вели Мојсова-Чепишевска


Исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи зашто на тој начин нема да заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски! Ова го порача проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност, на свеченоста на која од Културно-едукативниот центар „Небрегово“ во спомен-домот „Блаже Конески“ ѝ беше доделено признанието „Зборот на Конески“ за 2024 година.

„Од 2021 година па наваму, кога ќе ја употребам синтагмата ‘Конески како тестамент’, не еднаш следува прашањето: Зошто Конески како тестамент?, Што пишува во тестаментот на Конески? Некои дури и негодуваа на поврзувањето на Конески со самиот термин тестамент. Зашто тој немал напишано или барем не знаеме дека напишал тестамент во кој го распределува наследството. На тоа секако следува мојата реакција со зачуденост дали од ‘патријархот на македонското слово’, како што го нарече грчкиот поет Костас Валетас, од човекот со тестаментално дело за севкупната македонска култура треба да се очекува својот тестамент да го запише во некаков правен акт, а не во своите поетски, есеитички и научни текстови. Одговорот го почнувам со прашање: Нели последните напишани и/или објавени текстови на културните дејци се со тестаментални пораки? Книжевната и културната историја нè учат дека е така“, посочи Мојсова-Чепишевска.

Како што нагласи, оттука, неминовно е тестаменталните пораки на Конески да ги побараме и во неговиот текст објавен последен во текот на неговиот физички живот – „Пишувањето на ‘мал’ јазик“.

„Повеќе од половина век јас пишувам песни на јазик на еден народ, што го сочинуваат приближно два милиона луѓе. Да биде мојата позиција уште поранлива, јазикот на кој пишувам, македонскиот, е кодификуван допрва во 1945 година и јас лично сум зел извесен удел во тој чин за потоа пак во текот на неколку децении да му се посветам како славист на изучувањето на историјата и современата состојба на својот мајчин јазик. Но, не треба да го скријам ни тоа дека за сето ова време на мојата литературна и научна дејност од некои центри на моќ на Балканот ни се оспорува правото да пишуваме на свој јазик и да се сметаме за современа народна заедница. Дали не се работи тогаш за една неразбирлива и безрасудна тврдоглавост од наша страна?,“ вели Конески уште во почетокот на овој текст.

„И, еве, во 2024 година, кога со возбуда го примам признанието ЗБОРОТ НА КОНЕСКИ на КЕЦ ‘Небрегово’, чувствувам потреба уште еднаш да кажам зошто исчитувањето на Конески како тестамент треба да продолжи. Зашто на тој начин нема да заборавиме дека мораме да пишуваме на македонски! Овој негов аманет во годините наназад и мене ме натера што повеќе да го проучувам неговото дело и да се обидам да истражувам помалку истражени сегменти од неговиот опус. Затоа во последново време се навраќам и на оние стихови на Конески, кои зборуваат за обичните животни наслади. Не затоа што немам што друго да кажам за ‘Везилка’ или за ‘Тешкото’, за ‘Ракување’ или за ‘Илинденски мелодии’, туку затоа што сега ме интересира тој интимен Конески и потребата со нови исчитувања да гребеме по неговото творештво за да дојдеме, како што вели тој во песната ‘Планина’ – до последниот слој на душата. Оти постојано во мене е присутно прашањето колку го познаваме Конески токму до таму, до дното на неговата душа. Обидувајќи се да дојдеме до последниот слој на неговата душа, ние треба да дојдеме до последниот слој и на сопствената душа. До последниот суштински слој и на македонската душа… Ако можеме тоа да го постигнеме… Затоа што и врежаното во таа душа е на македонски јазик. Затоа што врежаното е токму зборот на Конески“, истакна Мојсова-Чепишевска.

Авторката во 2021 година ја напиша книгата „Конески како тестамент“ , во издание на Матица македонска.  За оваа книга и за континуираните остварувања во културата, ја доби наградата „13 Ноември“, но и по ова значајно дело продолжи неуморно да истражува за Конески.