Во тениското здружение на Ѓоковиќ нема место за жените


За паралелното здружение на тенисерите што го формираа Новак Ѓоковиќ и Васек Поспишил има повеќе контроверзии отколку јасни работи. Најголемата е што тоа ги исклучува тенисерките од членство

 

Фрустрирани од, како што сметаат, недостаток на моќ во машкиот тенис, Новак Ѓоковиќ и Васек Поспишил формираат отцепено тело за застапување на интересите на машките играчи надвор од сегашната структура на Здружението на тениски професионалци (АТП) и ги повлекоа своите лидерски улоги во советот на играчи на здружението.

Поспишил, Канаѓанец рангиран на 92. место во сингл, објави оставка на Твитер, велејќи дека во рамките на сегашната структура на машката турнеја, „многу е тешко, ако не и невозможно, да се има значајно влијание врз сите поголеми одлуки донесени од нашата турнеја“.

Ѓоковиќ, највисоко рангираниот машки играч и претседател на советот на играчи и Џон Изнер, највисоко рангираниот Американец, исто така, се повлекоа од своите позиции.

Додека е очигледна доминацијата на Ѓоковиќ на теренот, многу детали за неговата група остануваат нејасни над нејзиното име – Здружението на професионални тенисери (ПТПА) – и неговата намера да ги претставува машки сингл играчи во најдобрите 500 и двојките во најдобрите 200.

Не е јасно, на пример, дали групата ќе се обиде да се договори колективно како синдикатите на играчи во други професионални спортови. За разлика од спортистите во НФЛ, Бејзбол лигата и НБА, меѓу другите лиги, тенисерите се независни изведувачи.

Но, јасно е дека АТП и другите лидери во спортот сметаат дека овој почетен обид е закана, а неговите водачи ги повикаа играчите да не го поддржуваат.

И машките и женските турнири, заедно со четирите грен слем турнири и Меѓународната тениска федерација, објавија заедничка изјава за поддршка на АТП и ја поддржуваат „нејзината улога во претставувањето на најдобрите интереси на играчите во текот на целиот овој процес“.

„Време е за уште поголема соработка, а не за поделба; време за разгледување и дејствување во најдобар интерес на спортот, сега и за во иднина“, додадоа водачите во изјавата. „Кога работиме заедно, ние сме посилен спорт“.

Ѓоковиќ и Поспишил детално ги наведоа своите планови во документот што го дистрибуираа на другите играчи, а го обезбеди „Њујорк тајмс“. АТП, основана пред 30 години, ги претставува заеднички играчите и турнирите, а двете страни имаат места во управниот одбор за одлуки.

„Целта на ПТПА не е да го замени АТП, туку да им обезбеди на играчите структура на самоуправување, независна од АТП и директно реагира на потребите и загриженоста на членовите-играчите“, рекоа Поспишил и Ѓоковиќ во документот.

Ѓоковиќ нема поддршка од двете најголеми sвезди во машкиот тенис, Роже Федерер и Рафаел Надал. Заедно со уште четворица членови на советот на играчи на АТП, Федерер и Надал напишаа писмо во кое ги повикуваат другите играчи да не се запишуваат во новата асоцијација, повикувајќи се на потреба од претпазливост и наведоа каприци во пораките на ПТПА.

„Тоа ја поткопува способноста на нашето ново раководство да ја постигне својата визија за спортот“, се вели во нивното писмо. „Ново здружение на играчи не може да коегзистира со АТП“.

Писмото од Федерер, Надал и други поставува прашања за кои веруваат дека во ПТПА останале без одговор, вклучувајќи: „Што се случува ако турнирите одат против нас?“; „Кој е планот за непредвидени ситуации за да нѐ заштити ако работите тргнат на лошо?“; „Кој презема одговорност за какви било последици и со нашите кариери, приходи и негативност?“

Во нивниот документ, Ѓоковиќ и Поспишил наведоа поделба на приходите, дисциплински мерки, пензии за играчи, патувања, осигурување и погодности на турнирите како прашања што ќе се обиде да ги реши новата асоцијација.

Ѓоковиќ и Поспишил се назначија за „првични копретседатели“ на здружението, со мандат од две години. Организацијата планира да биде управувана од избран одбор до девет лица.

„Ќе има многу работа за градење и усовршување на работењето на ова здружение, но ова е првиот и најсуштинскиот чекор што мора да го направиме“, напиша Поспишил во својата порака до играчите.

Андреа Гауденци, претседател на АТП, ги повика играчите во писмо до кое дојде „Тајмс“ „да не ги сфаќаат лесно“ последиците од основањето на ново здружение, притоа признавајќи дека „ниту една организациска структура не е совршена“.

Гауденци го постави формирањето на натпреварувачка организација на играчи како егзистенцијална закана за АТП и рече дека групата не треба да очекува да биде признаена од турнирите. Тој тврди дека акцијата може да им се закани на моќните играчи кои веќе се во спортот.

„Го имате она за што би се стремеле другите спортисти во другите спортови – место на масата на салата. За тоа се бореа играчите во создавањето на АТП-турнејата“, рече Гауденци. „Нема смисла зошто би ви било подобро да се служите со префрлување на вашата улога одвнатре кон надворешната страна на структурата на управување“.

Валиед Солиман, партнер и претседател на „Нортон Роуз Фулбрајт Канада“, со кого се консултираа Поспишил и Ѓоковиќ, ги отфрли одговорите на раководните тела како „чиста насилност“.

„Оние што имаат позиции на доверба треба да се смират и да седнат со играчите“, рече Солиман. „Наместо да испраќате ракети, водете соодветни дијалози за да разберете од каде доаѓа фрустрацијата“.

Едно очигледно отсуство од планот е вклучување на женски играчи во формирањето на групата.

Поспишил минатата година со нетрпение зборуваше за работа заедно со тенисерките. Идејата изгледаше дека ќе доби забрзување бидејќи Поспишил предводеше голема група, вклучително и Слоун Стивенс и други, која планираше да ги повика грен слем турнирите да одвојат повеќе пари за спортистите. Турнирите не се вклучија.

Сепак, лидерите на машките и женските турнири пролетва рекое дека може да биде заемно корисно да се спојат турнеите – особено во светло на финансиските проблеми што ги предизвика пандемијата на корона вирусот – многу тенисери реагираа негативно на таа можност и некои велат дека тенисерките не заслужиле да заработат толку многу пари како мажите.

Енди Мареј, долго време отворен поддржувач на женскиот тенис, рече дека не планира да се вклучи во новата асоцијација, наведувајќи го исклучувањето на жените како загриженост. „Чувствувам дека тоа ќе испратеше многу помоќна порака, лично, ако и ВТА беше со него“, рече Мареј. „Во моментов тоа не е случај. Ако тие работи се променат во иднина, тоа е нешто што сигурно би го разгледал“.

Ким Клајстерс, четирикратна шампионка на грен слем турнири и поранешна членка на советот на играчи на ВТА, рече дека „би сакала да разговара со Новак“ за подобро да ги разбере фрустрациите на неговата група, иако изрази задоволство од управувањето со ВТА.

„Мислам дека нашата турнеја се одвиваше многу добро низ годините“, рече Клајстерс. „Чувствувам дека тие дефинитивно слушаат. Имаше комуникација, добра комуникација. Може ли да биде подобро? Се разбира, секогаш може да биде подобро. Можете ли да ги задоволите сите во исто време? Не, тоа никогаш нема да се случи“.

Солиман рече дека здружението се надева „во многу краток рок“ оти жените ќе имаат „активна и еднаква вклученост, како што треба“.

„Се води активен дијалог со лидерите во рамките на женскиот тенис“, рече тој. „Женскиот тенис, за разлика од другите спортови, е подеднакво важен како и машкиот. Има јасно признание за тоа“.

Гауденци го завршува апелот до играчите со барање за единство.

„Не треба да заборавиме дека, како забавен производ, нашето натпреварување за публика и долгорочен раст е со други спортови и форми на забава“, напиша тој. „Нашата битка не е меѓу нас. Сега, повеќе од кога било, време е за единство и соработка“. (Њујорк тајмс)