Во тек е третата и последна дополнителна исплата на правата од социјална и детска заштита за август

Министерството за труд и социјална политика информира дека во тек е третата и последна дополнителна исплата на правата од социјална и детска заштита за месец 08/2020 година.

Станува збор за гарантиран детски додаток, посебен додаток за месец 09/2020, ЕПП за новороденче, родителски додаток за трето дете, родителски додаток за четврто дете, гарантирана минимална помош, туѓа нега, еднократна парична помош, мобилност и слепило, цивилна инвалиднина, социјална сигурност- социјална пензија, паричен надоместок за згрижувачко семејство.

Дополнителната исплата на паричните права од социјална и детска заштита беше наменета за корисниците кои беа клиенти на Еуростандард банка – Скопје, а кои до 25 август не успеале да отворат нова трансакциска сметка во друга банка или да поврзат постоечка трансакциска сметка во друга банка заради исплата на паричните права.

Претходно, на координативен состанок со банките, Министерството за финансии и Народната банка беше договорено исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства за август 2020 година, да се врши и во дополнителни датуми на 11, 18 и 25 септември 2020 година, при што податоците за корисниците од банките до Министерството за труд и социјална политика бидат доставени на 7, 14 и 21 септември 2020 година, соопштија од ова министерство.