Во тек е протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК во Скопје
Во тек е протестот за поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово, кои сè уште се наоѓаат во притвор во Хаг под обвинение за воени злосторства.
Присутни се поголем број граѓани, со албански знамиња и обележја на ОВК, а улицата која води кон паркингот во ТЦ Мавровка е затворена за сообраќај.

Од раните часови сообраќајот низ градот беше сериозно отежнат. Колони возила од Чаир, Бутел и Сарај се слеваа кон центарот, додека полициски кордони го регулираа движењето околу плоштадот и околните улици. Присутните носат знамиња на Албанија и на Косово, фотографии од обвинетите и транспаренти со пораки за поддршка.
Протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Судот во Хаг е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„По Приштина и Тирана, сега и Скопје ќе зборува за вистината и правдата! Војната на ОВК беше и останува праведна, ослободителна и поддржана од демократскиот свет. Правдата за борците за слобода не може да се гради врз политички обвинувања и измислени докази од страна на Србија и Русија. Како што бевме покрај борците на ОВК во Приштина и Тирана, така ќе застанеме и во Скопје, горди и решителни во одбрана на нашата вистина“, објави тој во поканата.

Коментирајќи го најавениот протест, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Ахмети прави обид да се мобилизира пред партискиот Конгрес на ДУИ, но оцени дека ова е погрешен чекор поради кој во иднина тешко ќе може да најде политички партнер. Според Мицкоски, протестот дополнително ќе го изолира лидерот на ДУИ и ќе го обележи како генератор на нестабилност во државата.
Присуството на значителни полициски сили и дронови што го надлетуваа плоштадот го одразуваат вниманието на институциите да спречат можни инциденти. Засега протестот поминува мирно, но блокадите околу централното подрачје и зголеменото присуство на демонстранти создаваат сериозни потешкотии во движењето низ градот.
Протестот ќе продолжи и во вечерните часови, а организаторите најавија дека ќе следуваат нови собири доколку, како што велат, „неправдата против командантите“ продолжи.