Во тек е јавниот повик за набавка на комбајни за жито, крајниот рок за аплицирање е 30 декември


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потсетува земјоделците дека во тек е јавниот повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година, за мерката 121 Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства, односно подмерка 121.12 Набавка на комбајни за жито.

Крајниот рок за доставување на барањата е до 30 декември 2023 година. Заинтересираните земјоделци своите барања ги поднесуваат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk, соопшти МЗШВ.

Кај овој јавен повик како корисници се јавуваат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, и поседуваат минимум 10 хектари обработлива земјоделска површина под пченица, јачмен, р`ж, тритикале и/или овес.

Максималната вредност на кофинансирана сума по корисник изнесува три милиони денари, а финансиските средства се наменети за инвестиции во набавка на комбајни за жито. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.

Повеќе информации за повикот, како и упатството за регистрација на барателите во системот за електронско поднесување на барање, земјоделците можат да погледнат на веб страната на АФПЗРР www.ipardpa.gov.mk

МЗЃВ ги повикува земјоделците навремено да се информираат со условите од јавниот повик и да аплицираат, искористувајќи ја можноста за модернизација на сопственото земјоделско производство.