Во тек е изработката на проектна документација за нов театар во Прилеп
До крајот на јуни треба да биде готова проектната документација за изградбата на новиот театар којшто ќе биде во склоп на прилепскиот Дом на културата „Марко Цепенков“, а надежта е до крајот на годинава да има тендер за изведувач, изјави в.д директорката на Центарот за култура, Јасмина Мицовска-Станкоска.
За оваа намена, од Министерството за култура одобрени се шест милиона денари.
Според Мицовска-Станковска, во тек е подготовката на документацијата, а потоа треба да се премине на практичниот дел за прилепскиот Народен театар да добие нов објект.
– Се работи на проектно-техничката документација за да стигнеме до изградбата на нов театар, кој ќе биде во склопот на Домот на културата „Марко Цепенков“. Потребна е реконструкција, доградба и надградба на Домот на културата што ќе обезбеди простор за новиот театар. Документацијата ќе биде готова до крајот на јуни. Веќе имаме шест милиона денари од Министерството за култура. Потоа е другата фаза, подготовката и почетокот на изградбата, што ќе ја опфати реконструкцијата на Домот на културата. Ова се први конкретни чекори за изградба на нов театар во Прилеп по повеќе од две децении. Засега не можеме да кажеме точен рок кога ќе биде готов новиот театар, рече Мицовска-Станкоска.
На денешната прес-конференција беше образложена годишната програма на културните активности, финансирани од Министерството за култура. На програмата се 40-тина настани од сите дејности. За ова и некои инвестициони зафати од Министерството, Центарот за култура доби 5,6 милиона денари и средствата се зголемени.
– Според програмата ќе има четири премиерни претстави – „Дупло дно“во режија на Наташа Поплавска, „Хамлет“во режија на Бранко Брезовец, „Круг“ во режија Јован Ристовски, „Мистеријата Буфо“ во режија на Андреј Цветановски. Петтата премиера што е според ланската програма, претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски ќе биде во почетокот на март. Од музичката и музичко-сценската дејност се 10 концерти, од фолклорната во програмата се три концерти, 19 групни и самостојни изложби, а продолжува и издавањето на списанието за литература, култура и уметност „Стремеж“. Од Министерството добивме повеќе средства со кои може да ги реализираме културните настани, посочи Мицовска-Станкоска.
Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ годинава ќе има и неколку инвестициони зафати, поточно ќе се санира хидрантската мрежа, ќе се постават подови во канцелариите и во ходникот, а предвидени се и набавки на аудиоопрема и штафелаи за галериската дејност.