Во студентските домови се сместуваат студенти кои имаат комбинирана настава


Важно ни е да обезбедиме сместување за учениците и студентите кои ќе имаат комбинирана или настава со физичко присуство во училиштата и на факултетите, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, по посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје.

– По дадените критериуми, коишто беа објавени, во ученичките домови во 2020/2021 година се приемни 1.193 ученика. Согласно новите протоколи имаме слободни или отворени 1.058 места, а вишокот од 135 ученици се распоредени, зборувам за Скопје, во Студентскиот дом „Сениќ“. 73 ученика коишто се од Битола и Струмица исто така ќе добијат можност да патуваат до своите места или да се сместат согласно новите законски измени коишто се во Собранието и закажани за седница на 6 октомври, што значи дека ќе се обезбеди сместување и за нив. Во другите ученички домови имаме 160 слободни места, нагласи министерката Царовска.

Таа потенцира дека согласно новите протоколи поради пандемијата со Ковид-19 капацитетот во студентските домови во Скопје е 2.080 места, а досега вкупно се примени 1.614 студенти.

Царовска потенцира дека има и дополнителни слободни места за сместување на студентите, доколку во следниот период некои факултети го променат начинот на изведување на наставата од онлајн преминат во настава со физичко присуство.

– Како Министерство добивме одредени реакции од студентите. Сметам дека нивните приговори се разгледаат и согласно податоците коишто ги дале и коишто сме ги добиле од соодветните институции, стоиме на располагање за сите студенти да можат да го добијат правото за сместување во домовите, додаде Царовска.

Таа нагласи дека веб страницата на Министерството за образование и наука и на апликацијата дигиталајз студентите кои доаѓаат од социјално ранливи семејства имаат можност да аплицираат за еднократен износ.

– Ве молам да аплицирате доколку ги исполнувате условите. Повикот трае до 10 октомври и тој трансфер ќе треба да се направи во наредниот период до оние на коишто им следува. Тој трансфер од 6.000 денари може да го искористат за сместување, но исто така и за партиципација. Доколку сте добиле право на сместување тогаш е добро да се искористи овој трансфер од 6.000 денари за партиципација на факултетите, нагласи министерката Царовска.

Директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски, кој ја придружуваше министерката Царовска при посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, потсети дека Владата пред 10-ина дена донесе одлука за отворање на студентските домови на 5 октомври, но со намален капацитет.

– Секоја соба која што ќе има до две легла ќе сместува максимум еден студент, секоја соба која што ќе има повеќе од две легла ќе сместува максимум двајца студенти. На самите влезови на студентските домови ќе бидат инсталирани бесконтактни диспанзери коишто ќе служат за дезинфекција, дезобариери и сите пропратни елементи коишто ќе го чинат новиот начин на живеење во студентските домови. Ќе се забранат користењето на заедничките простории, користењето на мензите ќе бидат на начин на којшто секоја маса од другата маса ќе биде одделена на два метри, а на секоја маса за четворица ќе може да бидат максимум по двајца студентите, истакна Николовски.

Тој нагласи дека целиот овој протокол и целиот нов начин на живеење во студентските домови ќе може да се реализираме само заедно со студентите и очекува нивна поддршка и разбирање, бидејќи, како што рече, се работи за заштитата на заедничкото здравје.

– Спремни сме целосно. Заедно со министерката обезбедивме и донација од компанијата „Алкалоид“ во вредност од околу 5 милиони денари. Таа донација ќе се однесува на сите студентски и училишни домови во државата. Изразувам голема благодарност заради тоа што ќе ни биде од помош, но и ќе биде сигурно за сите студенти дека скоро за целата година ќе бидеме комплетно опремени во делот на дезинфекцијата, потенцира Николовски.

Тој потенцира дека во изминатиов период Државниот студентски центар се стабилизирал финансиски, реновирани се сите блокови во домот „Гоце Делчев“, завршен е проектот за реновирање на зградите 1 и 2 во студентската населба „Стив Наумов“.

На крајот на минатата година се потпиша договор со германската КфВ банка меѓу Министерството за финансии и МОН преку којшто се обезбедени 25 милиони евра средства за реконструкција на сите студентски домови во државата, меѓу кои и во делот за енергетската ефикасност. Мислам дека покажавме по кој пат сакаме да се движиме во оваа гранка, колку тоа ни се битни студентите коишто студираат надвор од својот град сега дополнително со една дополнителна координација на повисоко ниво со ресорното Министерство верувам дека во претстојниот дел од мандатот ќе ги реализираме сите предизвици и конечно студентските домови ќе дојдат на местото на кое што треба да бидат поставени, а тоа се во услуга и сервис на студентите станари, истакна Николовски.