Во Струшкиот затвор биле доградени два ВИП апартмани, тврди партијата на Бачев


Партијата на Јанко Бачев, Единствена Македонија, излезе со тврдење дека изминативе денови во Струшкиот затвор, во кој е сместен екс директорот на УБК Сашо Мијалков, биле доградени два ВИП апартмани до кои се доаѓа со лифт.

-Министерот за правда пред извесно време ја лансираше кованицата “затворски туризам“ како илустрација на злоупотребата што ја направи осудениот криминалец Сашо Мијалков со промена на живеалиштето од Скопје во Струга, за да ја издржува казната во струшкиот затвор кој е од отворен тип и со повеќе привилегии за затворениците. Но, произлезе дека Струга и навистина е град на затворски туризам. Во затворот Струга деновиве е завршена изградбата на два апартмани еден до друг за ВИП – затвореници на горниот кат со лифт.

Единствена Македонија го прашува премиерот Ковачевски кои затвореници ќе престојуваат во овие апартмани и според кои критериуми? Прашањето заслужува одговор и јавноста има право на одговор, дотолку повеќе, затворските објекти во државата се во надлежност на владата и се финансираат од буџетски народни пари. стои во реакцијата на партијата.