Во странство ни заминуваа студентите, да не ги избркаме и професорите
Најголемите забелешки за новиот закон уште доаѓаат од поединечни професори кои прочитале, забележале и укажуваат на пропустите. Факултетите, засега, молчат
Ја нарушува автономијата на универзитетите, противуставен е, не ја следи Болоњската конвенција – ова се дел од забелешките на професорите на факултетите во земјава, кои го погледнале нацрт-законот за високо образование, кој пак, според власта, треба да го зголеми квалитетот во образованието и да ги смести македонските универзитети на фамозната Шангајска листа.
Професорот Тони Дескоски преку објава на социјалните мрежи упати остри критики кон нацрт-законот за високо образование, оценувајќи дека предложените решенија сериозно ја нарушуваат автономијата на универзитетите и отвораат простор за непотизам.
Според него, на Правниот факултет во изминатите денови биле усвоени десетици забелешки на предложениот текст, при што најголемиот дел се однесуваат на суштинските новини во нацртот. Дескоски сета дека поради обемот на критиките документот не ќе може суштински да се поправи со амандмани.
Тој предупредува дека со новите решенија се врши „корпоративно реструктуирање“ на универзитетите, со зголемени овластувања на ректорите и деканите, на сметка на колективниот принцип на управување. Според него, универзитетот треба да остане заедница на рамноправни професори, а не институција во која наставниот кадар е сведeн на извршител на одлуки на раководните органи. Дополнително, Дескоски тврди дека изоставена е и одредбата од важечкиот закон од 2018 година, па сега се отвора простор за вработување деца на професори на ист факултет.
Повеќе од 15 неуставни членови пронашол универзитетскиот професор Иван Додовски, но ја издвојува „фрапантната настојба на законот – да се задуши, да се елиминира приватната иницијатива во високото образование. Наместо да промовира квалитет, конкуренција, иновација, реални начини за мобилност на професори и на студенти во земјата и во странство, со еден збор – отвореност кон светот и донесување на најдоброто во Македонија, врз основа на „фер правила за сите“ универзитети, било јавни или приватни, овој закон ги „конфискува“, односно ги национализира регулираните професии (медицина, фармација, ветерина, архитектура, право, одбрана и безбедност, програми за медицински сестри, акушерки и за наставници). Од каде таа потреба, тој болшевички импулс да се сотре „приватната сопственост“?
Тој укажува и на небулозата да се регулира кој средношколец ќе може да се запише на кој факултет.
„Ако некој избрал географија за државната матура, нека му е со среќа: може да студира само географија, друго не може. Ако, пак, евентуално, подоцна сака да продолжи на магистерски и докторски студии за да се занимава со некоја наука, пак нека му е со среќа: може само во областа „географија“! Дотолку пострашно е за оние кандидати од стручните и од уметничките училишта“.
Универзитетите анализираат
На нацрт-законот работеле 60 професори, уверува министерката за образование и наука Весна Јаневска, но досега никој не откри кои се тие професори, а законот е поставен на ЕНЕР и сугестии таму може да се оставаат уште девет дена. Деновиве се организираа и некои јавни трибини за консултации со професорите на универзитетите.
Ќе се намалуваат студиски програми на факултетите, некои од нив ќе се самозатворат
Сепак, најголемите дилеми, а и забелешки уште доаѓаат од поединечни професори кои прочитале, забележале, па и укажуваат на пропустите.
Факултетите и универзитетите официјално молчат, односно, како што вчера рече деканот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски, „се прави внатрешна анализа на факултетите за новиот Закон за високо образование“.
„Во моментов имаме внатрешни постапки во рамките на факултетите за анализирање на сите аспекти на Законот за високо образование, а утре имаме колегиум на којшто ќе се презентираат“, изјави вчера Мираковски и не сакаше да даде оценка дали предлог-законот ќе даде подобра едукација на младите, кои потоа полесно би се вработувале или пак би останалае да напредуваат на самите факултети.
Научни трудови на англиски или на македонски?
За професорката од правниот факултет во Скопје, Каролина Ристова-Астеруд има повеќе спорни моменти, од потребата да се искачуваме на Шангајски листи, до употребата на македонскиот јазик во научните трудови, за кој таа смета дека е возможно.
„Ако сакав мнозинството или поеднаков број од моите трудови да бидат на странски јазик, а и тематскиот научен интерес да ми е по логики на понуда-побарувачка-заработувачка приоритети за странски употребни вредности и потреби, а не за домашните, ќе си останев во тоа странство уште кога бев многу помлада и на почеток на кариерата. Впрочем, голем дел од моето високо образование и научна надградба се платени од странски данокоплаќач(к)и.
Но, во Македонија, мене како професорка по право на УКИМ ме плаќаат македонските граѓани, кои од мене треба да си добиваат научно и стручно творештво на својот (правен) јазик, а вие можете ‘нокти да ми корнете’ ако сакате, нема да биде поинаку“, вели таа.
Академската фела, професорите, факултетите и универзитетите, освен вака спорадично, некако тивко ги доживеаја предложените промени. Можеби сугерираат на ЕНЕР?!
Бесплатно студирање само за социјални категории
Студентите, пак, дел се задоволни од промените, затоа што се вметнале повеќе нивни барања, а дел критикуваат дека новите промени ќе ги доведат во ситуација да ги менторира професор кој ќе има понизок ранг од оној за кој студентот се едуцира. Им пречи и тоа што законот нема да важи ретроактивно за постојните професори, туку само за новите.
Студентското собрание побарало, но МОН не прифатило, Националното студентско тело да стане дел од законот, а студентите најавија дека реакциите за ова ќе ги објават на ЕНЕР.
Студентите предложиле и бесплатно високо образование за сите студенти на додипломски студии, но засега нацрт-законот ова ќе го овозможи само за младите со самохрани родители и од еднородителски семејства.
Најгласни во врска со новиот нацин-закон за високо образование се политичките партии, едните сметаат дека измените се катастрофални, а другите тврдат дека се прават реформи за поправање на грешките од минатото.
Филипче: Законот за високо образование е тоталитарен, да се повлече веднаш!
И за квази факултетите што ги отвори ВМРО-ДПМНЕ виновен е СДСМ!
Партиите да ги тргнат прстите од високото образование
Можеби најдобар одговор на овие партиски размисли има професорката Виолета Симјановска, раководител на катедрата за Арт менаџмент при Универзитетот за уметности УНИАРТС, Сибелиус Академија, во Хелсинки, Финска каде работи веќе две и пол години.
„Во 2013 година докторирав на Културен менаџмент и културни политики. Пред тоа имав долгогодишно професионално искуство во полето на изведувачките уметности. Природно, дојде момент кога почувствував дека моето знаење, искуство и меѓународни контакти треба да ги пренесам на помладите генерации во Македонија.
Стапив во контакт со деканот на ФДУ, но од тој разговор излегов длабоко разочарана. Воопшто не се зборуваше за моите квалификации, научни трудови, визија, професионално искуство или меѓународни мрежи. Наместо тоа, разговорот се сведе на партиска книшка и на тоа дека треба да ‘фатам врски’ во Министерството за финансии. Тоа беше одлучувачкиот момент да си ја пробам среќата надвор од Македонија.
На отворен меѓународен конкурс бев избрана и добив огромна професионална одговорност. Последните шест години сум лидер на целиот оддел за Арт менаџмент на Сибелиус академија. Не поради партиска припадност. Не поради ‘врски’. Туку поради квалификации, визија и докажана експертиза.
Овој личен пример не го споделувам од суета, туку како аргумент: ако системот во Македонија навистина сака квалитет, мора да создаде услови каде што знаењето и компетентноста се единствениот критериум“, пишува таа на социјалните мрежи.
Дали дел од овие сугестии ќе бидат вметнати од оние кои го менуваат законот останува да видиме. Дека македонските универзитети треба да се искачат на Шангајската листа и навистина да го унапредат образованието е неспорно. Но, тоа не може да се прави со државна интервенција, туку само со интегритет на професорите. Државата е тука да инвестира во универзитетите, да има овозможи инфраструктура и да им ја ослободи автономијата.