Kога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава

Во неговите стихови се прелева љубовта кон жената и љубовта кон татковината, рече денес во КИЦ, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, по повод деведесетгодишнината од раѓањето на македонскиот класик


Петре М. Андреевски внесе нов бран во македонската книжевност. Неговата збирка „Дениција“ се смета за „златна книга“ на модернизмот и за химна на љубовта. Во неговите стихови се прелева љубовта кон жената и љубовта кон татковината. Тој вели „кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава“. Тој успева многу суптилно, преку портретот на саканата, да го даде и пејсажот на татковината, изјави универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.

Со настанот „Песна за неговата песна“, денеска Културно информативниот центар – Скопје ја одбележа деведесетгодишнината од раѓањето на македонскиот класик Петре М. Андреевски. 

Пред почетокот на настанот, Мојсова-Чепишевска за МИА изјави дека токму Петре М. Андреевски бил главната тема на нејзината докторска дисертација, а фокусот на денешниот разговор се поетските слики кои Петре М Андреевски ги остава како аманет. Таа е авторка на првата книга за неговата поезија, „Лицето на зборовите“, објавена пред точно дваесет години. 

-Ова е настан по повод 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски. Јас премногу добро го познавам творештвото на Петре М. Андреевски, бидејќи тој беше мојата главна тема на докторската дисертација. Докторирав на неговото поетско творештво и потоа излезе една книга која што годинава одбележува 20 години, насловена „Лицето на зборовите“. Ние денеска сакаме преку разговор да видиме кое е тоа лице на зборови, односно кои се тие поетски слики кои ги остава Петре М. Андреевски како аманет, додаде Мојсова-Чепишевска. 

Според Мојсова-Чепишевска, Петре М. Андреевски внесе еден нов бран во македонската книжевност. На пример, како што подвлече, неговата збирка „Дениција“ која излезе во 1968 година, се смета дека е „златна книга на модернизмот“ и дека е химна на љубовта.

-Мислам дека многу поети пишуваат на темата љубов, меѓутоа никој така не ја опеал љубовта, како збирката „Дениција“ на Петре М Андреевски. Петре е и извонреден раскажувач. Тој ги понел сите таленти од своите баби и од дедо, но најмногу од своите баби и успева да создаде прозно творештво насловено „Пиреј“. Мислам дека секој од нас во својата библиотека, но и во својата меморија, треба да ги има „Дениција“ и „Пиреј“, рече Мојсова-Чепишевска.

Таа потсети и на неговото творештво за деца „Касни, порасни“ – лектира за второ одделение.

-Во неговите стихови се прелева љубовта кон жената и љубовта кон татковината. Тој вели „кога ја љубев Дениција, како да учествував во создавањето на првата македонска држава“.  Тоа не е патриотизам низ флоскули, туку патриотизам кој што бие во градите. Тој успева многу суптилно, преку портретот на саканата, да го даде и пејсажот на татковината, појасни Мојсова-Чепишевска.

Во централниот дел на настанот, универзитетската професорка Мојсова-Чепишевска даде осврт на поетското творештво на Андреевски. Во разговорот, Мојсова-Чепишевска заедно со писателот Иван Антоновски ја препрочитаа поезијата на Петре М. Андреевски и дадоа ново согледување на некои аспекти што досега не беа афирмирани пред пошироката јавност. 

Делови од творештвото на Андреевски одекнаа со актерска изведба на Димитрина Мицкоска-Трајкоска, а пред присутните беа прикажани и архивски видео материјали на коишто говори самиот Андреевски.

Петре М. Андреевски се вбројува меѓу најдаровитите и најпопуларните македонски поети и раскажувачи на XX век, а се има пројавено и како драмски автор и есеист. Покрај најпопуларните – поетската книга „Дениција“ (1968) и романот „Пиреј“ (1980), меѓу позначајните негови дела се вбројуваат и поетските: „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999), збирката раскази „Сите лица на смртта“ (1994) и романите „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997) и „Тунел“ (2003). Автор е и на култната книга за деца „Касни – порасни“